Календар
1 декември
Заштита и права на заболените
Првиот декемвриски ден е посветен на борбата против една од најопасните болести на денешницата - СИДА-та. Вообичаено, граѓанските здруженија кои работат во областа на здравството и на човековите права, организираат активности кои се насочени и кон превентивна заштита, но и кон заштита на правата на заболените, кои често пати се осудуваат од заедницата. Ова е ден кога се организираат информативни и едукативни активности, трибини и слично.
3 декември
Еднаков третман на сите
Светскиот ден на лицата со хендикеп, или лицата со посебни потреби, е датум кога треба да се потсетиме на тоа дека на светот сите сме еднакви, без оглед на физичките или психичките попречености. Овој ден е посветен на акциите кои повикуваат на еднаков третман и на еднакви права за сите. Повик од овој вид во Македонија се слуша одамна, а во тек е кампањата со наслов “Никој не е совршен”.
Изложба во “Александар палас”
На денот на хендикепираните, здружението “Извор” организира изложба со продажен карактер на предмети изработени од хендикепирани лица. Овој настан ќе се случи од 10 до 18 часот, во скопскиот хотел “Алаксандар палас”.
3-4 декември
Унгарското искуство на евроинтеграција
Д-р Ендре Јухас, министер без портфолио во Владата на Унгарија, одговорен за релациите во Европа, ќе биде гостин на Делегацијата на Европската комисија во Скопје. Тој ќе оджи предавања во хотелот “Холидеј ин” во Скопје, на кои ќе го претстави унгарското искуство поврзано со процесот на интеграција во Европската Унија.
8-9 декември
Конференција за ромскиот јазик
На 8 и 9 декември, Ромскиот културен и едукативен центар “ДАРХИЈА” - Скопје организира конференција на темите: “Ромскиот јазик-вчера, денес и утре” и “Моќта на перото на писателот” која ќе се одржи во Скопје, во хотел “Јадран”.
Иницијативата се реализира со поддршка на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и швајцарската културна фондација “Про хелветија” - Скопје.
10 декември
Права од секој вид, за сите
Десетти декември е посветен на заштитата на човековите права од секој вид, секаде во светот. За жал, дури и во третиот милениум, светот влегува со голем број на прекршувања и газења на основните човекови права: правото на слобода, на говор, на движење, на социјална еднаквост, на здрава животна средина, многу деца и жени се експлоатирани и немаат слобода на движење или на мислење… Ова е ден на акција за почитување на сечие право, кој и да е и каде и да е.
12 декември
Предавање за човековите права во ЕУ
Во организавија на Делегацијата на Европската комисија во Скопје ќе се одржи предавање за системот за заштита на фундаменталните човекови права што се применува во Европската Унија. Предавањето ќе го одржи Аристотелис Гаврилиадис од Генералниот директорат Правда и внатрешни работи на ЕУ.
13 декември
Меморијална соба во Кривогаштани
Организацијата на жените “Хоризонт” од Кривогаштани на свечен начин ќе ја отвори меморијалната соба во ова село, во која ќе биде претставено културното наследство на неговите жители - старите предмети, ракотворби и слично. Истовремено, ќе биде промовирана книгата која зборува за наследството на овој крај. Овие активности се дел од проект во рамките на програмата “Живо наследство”.
29 декември
Биолошка разновидност за побогат свет
Кон крајот на секоја календарска година, човештвото се потсетува на убавината на биолошката различност на светот во кој живее, но, истовремено, и на опасноста од осиромашување на биодиверзитетот. Животинските и растителните видови исчезнуваат, нивните природни живеалишта се деградираат и уништуваат. Еколозите на овој ден предупредуваат дека биодиверзитетот не само што го прави светот поубав и побогат, туку многу видови се важни за опстанокот на еколошките системи.
|