Луѓе: Зора Ивановска
Не правете го никому тоа што не го сакате вам да ви го направат
ПРОФЕСИОНАЛНО ИСКУСТВО: Триесет години работно ангажирање во чевларската индустрија, каде повеќето беа жени од различни националности и профили. Таму дојдов до заклучок дека сите сме различни, но сепак исти.
АНГАЖМАН ВО ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР: Ангажманот во граѓанскиот сектор го започнав во далечната осумдесетта година, како претставничка на жените од мојата работна организација во општинската организација на КОПАЖ. По трансформацијата од 1999 година сум во Организацијата на жените на општина Куманово како активистка. Сметав дека е потребно формирање женска ГО, која ќе го носи името на жена борец од Куманово и така градот првоборец во 1999 година се здоби со женската организација со име “Нада Михајлова”, чија претседателка сум јас.
Со несебично залагање на членките, постигнавме видливи резултати, особено во кризната 2001 година, кога мудроста на жените беше повеќе од потребна, за надминување на конфликтната ситуација во кумановско-липковскиот регион.
АМБИЦИИ: Континуирана надградба, стекнување нови знаења и искуства преку разни форми, запознавање луѓе од разни краишта, култури и обичаи.
ХОБИ И ИНТЕРЕСИ: Пишувам поезија, инспирирана од секојдневието, интересни случувања. Досега имам издадено две стихозбирки, заедно со членките на организацијата.
ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ ЧИТА: Се што е добро и интересно, но поезијата е во прв план.
ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДИТЕ: Викендите ги користам на екскурзии, организирани преку разни здруженија.
НАЈТЕШКА ОДЛУКА: Ми се случи да бидам обвинета од жена, што се вели “На Божја правдина”. Бев во дилема, дали да ја мразам или да ја жалам. Одлучив да ја жалам.
КОЈ НАЦИОНАЛЕН (ЛОКАЛЕН) ПРОБЛЕМ ГО СМЕТАТЕ ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН: За жителите на Куманово, како некогашен голем индустриски центар, најголем проблем е невработеноста.
КОЈ ГЛОБАЛЕН ПРОБЛЕМ ГО СМЕТАТЕ ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН И ЗОШТО: Тероризмот, насилството од секаков вид и врз секого како и наркоманијата, се најголемите зла на денешнината.
ШТО БИ ПРОМЕНИЛА ВО МАКЕДОНИЈА И ВО СВЕТОТ: Заради подобра социо-економската состојба на луѓето би ја намалила невработеноста.
СОВЕТ (ПОРАКА): Не правете го никому тоа што не сакате вам да ви го прават.
|