ВО КРУшЕВО
Прославен Националниот ден на Власите
Лигата на Власите од Македонија, заедно со влашкото здружение „Никола Бацарија“, во Крушево организираа Свечена академија, со што беше одбележан Националниот ден на Власите – 23 мај. Гостите, меѓу кои Власи и нивни пријатели од цела Македонија, претставници на политички партии и невладини организации, имаа можност да проследат богата културно-уметничка програма. Делегација на влашките здруженија од Македонија положи свежо цвеќе на спомениците на Питу Гули, Никола Карев и на Мечкин камен. По повод Националниот ден на Власите, во Скопје беше организирана изложба под наслов „Од староградските влашки одаи“, а претставници на Власите имаа средба со премиерот Бранко Црвенковски и претседателот на Собранието, Никола Поповски.
На 23 мај 1905 година, Власите за прв пат биле признаени како посебен народ – Милет, од страна на турскиот султан Абдул Хамид II, кој донесе посебен документ, Ираде, со кој на Власите им се гарантира правото на влашки училишта во нивните комуни со влашки училишни инспектори и право на цркви и книги на свој мајчин јазик. Оваа прокламација била испратена до министерот за правосудство и култура Абдурахман, кој со специјален указ „ТЕСКЕРЕ“, го верификувал документот ИРАДЕ, со цел правата на Власите да не бидат попречувани од никого. Текстот на документот „Ираде“ бил објавен во сите весници во Константинопол, а во 1906 година Власите предложиле 23 мај да се слави како Национален ден. Но, по Првата светска војна сите културни институции биле затворени, а Националниот ден повеќе не се прославувал. Со демократските процеси во Македонија, по подолга пауза, Власите за прв пат го прославија Националниот ден на 23 мај 1989 година, на влашките гробишта во Битола. Оттогаш наваму, овој ден се прославува секоја година.
Ј.М.
|