Историјат на МЦМС: деценија посветена на развојот
Одржлив развој, градење свест и Косовската криза
Во 1993 година, во екот на војната која ја распарчи некогашната СФР Југославија, Светскиот совет на црквите со своето екуменско присуство се обидуваше да ги намали последиците од братоубиствената војна на овие простори. Во системот на водечки агенции на ССЦ, Македонија беше под надлежност на Холандската меѓуцрковна помош, чија намера беше воспоставување на подолгорочно присуство во нашата држава со целите да помогне во сочувувањето на мирот и за развој на цивилното општество; и да им помогне на луѓето кои имаат потреба од помош.
Во септември 1993 година, ХМП отвори канцеларија во Скопје. Канцеларијата постоеше се додека не беше формиран оперативниот партнер на ХМП во Македонија - Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Основачкото собрание на МЦМС се одржа во декември 2003 година.
Годинава, значи, за МЦМС претставува значаен јубилеј - 10 години растеж и развој за развојот на Македонија. По тој повод, во наредните четири изданија на “Граѓански свет”, на две страници ќе објавуваме текстови посветени на активностите и на развојот на МЦМС.
Во овој број, ги претставуваме активностите кои МЦМС ги спроведе во 1998 и 1999 година.
Периодот 1998-1999 година беше многу значаен за МЦМС но и за целата наша држава и регионот. Во овој период, МЦМС се фокусира на одржливиот развој и градењето свест, наместо на развојот и рехабилитацијата кои беа фокус во претходниот период. И, секако, клучен фокус во овој период беше градењето на мирот и разбирањето.
Додека првата година на МЦМС му донесе неколку успеси: Наградата за демократија и граѓанско општество, доделена од САД и ЕУ, започнувањето на среднорочниот план 1998-2000 година, отворањето на Македонската развојна фондација за претпријатија - МРФП, во наредната, 1999, како и целокупното општество, се соочи со косовската криза. Во условите на наплив на бегалци од Косово, МЦМС мошне бргу и ефикасно се преструктуира, насочувајќи го најголемиот број од своите активности кон напорите да ја амортизира трагедијата и болката на раселените лица и последиците кои од тоа неминовно ги претрпе нашата држава. Активностите беа насочени кон давање итна помош, под наслов „Прибежиште Македонија“. Тоа претставуваше огромно искуство за МЦМС кој се прекали во работата во кризни ситуации.
|
МАКЕДОНСКА РАЗВОЈНА ФОНДАЦИЈА ЗА ПРЕТПРИЈАТИЈА Поттикнување на вработувањето
МЦМС во 1998 година ја основа Македонската развојна фондација за претпријатија - МРФП, што значеше голем чекор понатаму во напорите за намалување на невработеноста, развојот на државата и поголемо влијание во секторот на вработување и остварување приходи. МРФП беше последователна активност на Програмата за селски развојни иницијативи и на Програмата за поттикнување на вработувањето. За основањето на оваа Фондација, беше постигната согласност помеѓу МЦМС и Амбасадата на Кралството Холандија во нашата држава. Одборот на старатели, кој управува со МРФП, ја одржа својата конститутивна седница на 28 септември, а самата Фондација е регистрирана на 25 ноември 1998 година. За периодот 1998-2000 година беше склучен договор помеѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија, за финансирање на Програмата за микро и мали претпријатија, во висина од 8,9 милиони холандски гулдени. |
1998: Градење на свеста и на одржливиот развој
Оваа година МЦМС работеше во трите основни сектори: Водоснабдување на селата; Здравство и образование; и Граѓанско општество, свест и демократизација. Но, спроведе и повеќе други активности. Со буџет од околу 36 милиони денари, МЦМС оствари 80 проекти со кои беа опфатени маргинализираните групи во општеството: селаните, жените, хендикепираните, етничките малцинства. Остварени беа и резултати во соработката со владините институции: со Министерството за правда за Законот за здруженија на граѓани и фондации, и со Министерството за правда за Законот за данок на додадена вредност.
Во секторот за водоснабдување на селата, беа поддржани 18 проекти, односно 18 села со околу 5.200 жители од руралните области (од кои 66,15% Македонци, а 33,85% припадници на етничките малцинства) добија здрава вода за пиење. Со Програмата за здравство и образование, беа поддржани повеќе активности за промоција на образованието и на здравствената заштита кај жените, децата и младите, хендикепираните лица, бездомниците и старите лица, верските и етничките малцинства, лицата кои имаат проблеми со користење на дрога и алкохол и заболените од СИДА - особено во руралните и субруралните области. Беа поддржани вкупно 27 проекти чија целна група беа овие категории на граѓани.
Програмата за граѓанско општество поддржа 30 здруженија на граѓани. Со оваа програма, се спроведоа четири типа на активности: работа на Канцеларијата за поддршка на НВО, информации, обука и Фонд за мали проекти. Беа поддржани повеќе активности на здруженијата насочени кон заштита и подобрување на човековите права, женските права и меѓуетничките односи, здравството и животната средина.
1999: Прибежиште Македонија
Човечката катастрофа која во 1999 година ја донесе Косовската криза силно го потресе регионот, неминовно вклучувајќи ја Македонија. Нашата држава беше директно вклучена во кризата, прифаќајќи над 350.000 луѓе од Косово. МЦМС беше меѓу првите кои на бегалците од Косово им пружи прва помош уште на граничниот појас Блаце. Поддржа два бегалски кампа - Радуша и Чегране, дистрибуир храна и хигиенски пакети за 26.000 бегалци. За МЦМС немаше дилема - сите ресурси беа насочени кон итните операции за помош на бегалците и амортизација на бегалската криза, под името “Прибежиште Македонија”. Со тоа, МЦМС даде голем придонес за сочувување на мирот и стабилноста во Република Македонија.
|
НАГРАДА ЗА МЦМС Предизвик за градење на граѓанското општество
 Во резиденцијата на амбасадорот на Велика Британија, на 18 мај 1998 година, на свечен начин, на МЦМС му беше врачена Наградата за демократија и граѓанско општество. Наградата ја доделија САД и Европската Унија, а МЦМС беше единствен добитник од Македонија.
МЦМС се обврза дека средствата добиени со оваа награда (20.000 американски долари) ќе ги употреби за основање фонд за награди за придонес за развојот на демократијата и граѓанското општество во Македонија (што и го оствари по две години, основајќи награди за одржлив развој и за демократија и граѓанско општество). |
Сепак, беа најдени сили и за спроведување на редовните активности и дури за започнување на три нови програми: Поврзување на претпријатијата Скопје-Солун; Поддршка на микро и мали претпријатија; и Јакнење на капацитетите на женските здруженија за здравствена едукција.
Беа спроведени проекти за водоснабдување во 9 села во централна и источна Македонија, чии корисници се над 5.300 жители; беа поддржани 4 проекти од Програмата за здравство и образование; во Програмата за граѓанско општество и демократија беа поддржани проекти за јакнење на здруженијата на граѓани, за човекови права, за јакнење на капацитетите на женските здруженија за здравствена едукација. Кон крајот на годината, Парламентот на Македонија го усвои Законот за здруженија на граѓани и фондации, во чие донесување активно учествуваше МЦМС. Беше изготвен и Прирачник со коментари на Законот. Во овој период, своите први активности ги спроведуваше МРФП, подготвувајќи ги можностите за поддршка на малите бизниси и на самовработувањето. Беше доделен првиот заем - за набавка на нови трактори за земјоделското претпријатие Магнаком.
Свеста за поврзаноста на регионот и за лесното и брзо прелевање на кризите, беше поттик МЦМС да одлучи дел од своите активности да ги насочи кон Косово. Беше изготвен програмскиот докумет „Обновување на животот во Косово“, со кој МЦМС и четири организации од Акцијата на црквите заедно (АЦТ), се вклучија во меѓународните активности за нормализирање на состојбата во покраината. МЦМС отвори канцеларија во Ѓаковица и работеше во општините Ѓаковица, Ораховац, Призрен и Драгаш. Програмата поддржа обновување на куќите и на инфраструктурата, обезбедување храна, поддршка на земјоделието и на генерирањето приходи, поддршка на граѓанскиот сектор. Директна помош добија 7.820 семејства, односно 48.700 луѓе.
Подготвила: Маријана Иванова
---
ЈАКНЕЊЕ НА СВЕСТА Цело е кога има се’

Цело е кога има се’ - беше еден од детските одговори на прашањата што е едно, две и цело. Оваа детска мудрост беше избрана за наслов на кампањата која ја спроведе МЦМС, со цел да се промовираат општите, заборавени човечки вредности, преку промовирање на толеранцијата, разбирањето, мирот и стабилноста во државата. Кампањата опфати продукција на радио и видеоспотови, билборди, календари, маици, изложби, концерти, забави и интернационален филмски фестивал во Охрид, на кој беа прикажани 13 филмови со теми за етничка толеранција, промоција на позитивните вредности и мирот. Кампањата траеше во пролетните месеци на 1999 година, но слоганот “Цело е кога има се’” остана популарен и широко употребуван и по нејзиното завршување.
ПОВРЗУВАЊЕ НА ПРЕТПРИЈАТИЈАТА СКОПЈЕ-СОЛУН Обука, информации и заеднички вложувања
МЦМС и Грчко-германската комора за трговија и индустрија стартуваа со заедничка Програма за поврзување на претпријатијата Скопје-Солун. Програмата беше реализирана преку ФАРЕ, и е насочена кон помагање на државите од регионот на Централна и Источна Европа, за да се вклучат во главните текови на европскиот развој и да се поддржат во нивниот процес на зачленување во Европската Унија. Програмата обезбеди обука за бизнис-вештини, информации, совети за менаџмент, техничка помош, како и помош при остварување заеднички македонско-грчки вложувања на малите и средните претпријатија. Во 1999 година пристигнаа 46 барања за поврзување на претпријатијата, од кои 12 од македонски, шест од грчки и 28 од германски претпријатија. На сите барања беше одговорено согласно востановената процедура.
|