Избор
На Европа и’ е потребна интеграција на петте нации од Западен Балкан
„Да им се даде на балканските народи нивното соодветно место во Европа“, порача летово, меѓу другото, Марти Ахтисари, претседавач на Меѓународната кризна група, напоменувајќи дека „историскиот проект за интегрирање на Европа нема да биде целосно завршен се’ додека не ги инкорпорираме и петте нации од Западен Балкан - Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Србија и Црна Гора.
Додека Европската Унија се подготвува да прими уште 10 земји - заедно со Бугарија и Романија, кои наскоро исто така ќе влезат во неа - ризикуваме да го прокоцкаме долгогодишниот напор и да го изневериме нашиот европски идеал ако не ги вклучиме и оние соседни земји кои засега остануваат надвор од Унијата.
Историскиот проект за интегрирање на Европа нема да биде целосно завршен се’ додека не ги инкорпорираме и петте нации од Западен Балкан - Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Србија и Црна Гора. Додека Европската комисија признава дека нивното евентуално членство е неизбежно, постои ризик овие ветувања да бидат неискрени. Постои опасност дека ќе се дозволи овие земји и понатаму да заостануваат зад нивните идни партнери на ЕУ, наместо да станат дел од европскиот тренд. Дури и во нивниот непосреден регион, разликата помеѓу земјите се’ повеќе расте поради фактот што Бугарија и Романија добиваат великодушна поддршка од ЕУ за структурни реформи и рурален развој во подготвите за нивни прием веќе во 2007 г. Ова разидување претставува закана за сите нас.
Она што е потребно е чин на визија од страна на лидерите на ЕУ на самитот оваа недела во Солун, за позиционирање на државите од Западен Балкан, со цел тие да заземат соодветно место во Европа. Со оглед на нивното бурно блиско минато, прерано е да им се даде на овие земји формален статус на земји-кандидатки за членство во ЕУ. Но, исто така не постои причина да не се изготват достапни претприемни програми, кои ќе ја засилат општествената и економската кохезија на континентот.
Во зедничкото коминике овој месец, претседателите на петте држави од Западен Балкан, инсистираа нивните земји да ја видат својата иднина како дел од унијата. Нивната декларација откри нова самодоверба и решителност да се средат проблемите во регионот, особено организираниот криминал и корупцијата. Со нивната заедничка цел тие моќно го демонстрираа фактот дака народите од Западен Балкан не се безнадежно разделении, дека се способни да се справат со структурната помош од ЕУ, на ист начин како што тоа го сторија и нивните источни соседи, Бугарија и Романија.
Благодарение на Грција, како претседавач на Европската Унија, имаше предлог да се потрошат дополнителни 300 милиони евра за Западен Балкан и да се пренасочи поддршката од реконструкција - која е во голем дел завршена - кон стимулирање на економскиот развој. Помошта за регионот ќе се пресели во буџетот за земјите кои се подготвуваат за прием. Грчкиот предлог ќе им посака добредојде на луѓето од Западен Балкан кои долго време страдаа, како знак дека можат да се надеваат на прием во Унијата. Тоа исто така претставува и потврда од страна на ЕУ дека предизвикот во регионот не е повеќе да се обезбеди хуманитарна помош или помош за реконструкција, туку да се започне со надминување на ниската земјоделска продуктивност, деиндустријализацијата и потребата да се преквалификува работната сила.
Друг сигнал за посветеноста на Европа кон регионот ќе биде доколку ЕУ го олесни, а потоа и укине визниот режим, како што стори со Хрватска. Во моментов, визите го отежнуваат патувањето од регионот кон земјите од Европската Унија.
Како и да е, предлогот во Солун се соочува со спротивставување. Некои земји-членки и некои од Европската комисија очигледно веруваат дека ќе поминат со нудење зголемен политички дијалог, парламентарна соработка, поддршка за изградба на институциите и симболични гестови, како на пример, програми за студентска размена. Тоа едноставно не е доволно.
Без постојан економски раст, нема да има долгорочна стабилност и демократија во регионот. Еден минималистички пристап само ќе осигура дека организираниот криминал, миграциите и незаконската трговија кои го измачуваат Западниот Балкан ќе продолжат да се прелеваат и внатре во Европска Унија.
Во основа, дебатата е сепак во врска со евентуалното членство на државите од регионот на Западен Балкан во Унијата. Европската јавност и нејзините лидери треба да признаат дека интеграцијата нуди најдобри изгледи за мир и напредок на континентот. Далекувидната политика би ги третирала Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Србија и Црна Гора онака како што Бугарија и Романија се третираат сега и би ги поставила цврсто на патот кон идно членство.
Текстот е објавен на 21 јуни 2003 г. „The International Herald Tribune“, www.iht.com |