Регулирање на волонтерството во современите општества
Волонтерските активности можат да бидат правно заштитени
На кој начин правно е регулирано волонтерството во светот денес? Постои ли овластувачка правна рамка која го признава и го разликува од другите човекови активности?
Ова се дел од актуелните прашања поврзани со волонтерството во современите општества, на кои во овој број одговор нуди Катерина Хаџи-Мицева, од Меѓународниот центар за непрофино право, од Будимпешта.
Волонтерството е основен дел на секое современо општество. Волонтирајќи, граѓаните можат да дадат значаен придонес кон општествениот и економскиот развој на заедниците, како и да го прошират влијанието и капацитетот на организациите на граѓанското општество. Истовремено, волонтерите имаат можност да ги развијат и своите сопствени вештини. И покрај тоа, во последниве години, се појавија неколку пречки во волонтерството во земјите на Централна и Источна Европа.1 Како резултат на тоа, последните движења во повеќето од овие земји не се само јавно признавање на волонтерството, тие ја признаа и потребата од правна средина која истото и би го поттикнала.
Со цел да се одговори на барањата за развој на овластувачка правна рамка за волонтерство, МЦНЗ повика група меѓународни правни експерти за дискусија околу законодавните прашања и за она што го покажала праксата. Групата изготви листа на препораки и заклучоци за правните прашања кои влијаат на волонтерите, и тие тековно се користат како насоки за создавање правна рамка во неколку земји на Централна и Источна Европа (на пр. Полска, Унгарија, Хрватска).
Создавањето овластувачка правна рамка за волонтерство подразбира преземање/вршење сеопфатна анализа на тоа како примената (или погрешната примена) на овие закони влијае на волонтерството. Праксата покажува дека неколку закони директно или случајно, влијаат на волонтерите (законите за труд, законите за обврски, даночните закони). Некои закони пак го отежнуваат волонтерство, додека други не го поддржуваат. Анализата би им помогнала на локалните групи во примената на овие закони во волонтерството и би создала значајна стратегија за негово регулирање.
Измени на постоечката законска регулатива или усвојување нов закон за волонтерство е следниот чекор во напорите да се отстранат пречките и да се поттикне волонтерството. Промените во законот треба да ги одразат подробностите на општеството и интересите на јавноста во целина. Тука се вбројуваат и интересите на волонтерите, на организациите, но предвид треба да се земе и самата држава. Препораките мора да бидат засновани врз анализи на правната рамка во државата.
Додека секоја земја одлучува за соодветниот начин на регулирање на волонтерството, мислењето на експертите изложено во препораките и заклучоците овозможува издржливи инструкции за националните законодавци. На пример, експертите советуваат волонтерите да се дефинираат како “поединци кои овозможуваат услуги за доброто на друго лице, по слободен избор и без надомест”. Двете дискутабилни прашања се обезбедувањето услуги “по слободен избор” и “без надомест”. Општо е прифатено дека “слободен избор” значи лична слобода да се одлучи да се волонтира и степенот до кој некој има волја да извршува ваква активност (без да биде присилен или принуден, на пр. од страна на властите или некој закон). Која било казна или неповолност за неизвршување некоја услуга би била јасен показател дека услугата не е изведена “по слободен избор” (на пр. алтернативна воена услуга). Понатаму, бидејќи волонтерството се разбира како донација во време и напор, волонтерските услуги треба да се изведуваат без надомест. Меѓутоа, треба да биде дозволена надоместа на целокупните трошоци поврзани со обезбедувањето услуги ( на пр. патни трошоци, храна) кои однапред се договорени и волонтерот бара да бидат надоместени. Исто така, ваков надоместок на услуги треба да биде ослободен од данок. 2
Организацијата и волонтерите треба да бидат слободни да ги регулираат подробностите на нивниот однос особено во случаи на долгорочно волонтерство (на пр. надомест, работни часови, обврски, осигурување, сертификати). Во земјите каде волонтерството не е правно признато/регулирано, некои владини службеници може погрешно да го сфатат односот на волонтерот како работен однос и да ја казнат организацијата за злоупотреба на работна сила. Признавањето на волонтерски договор по закон ќе помогне да се направи разлика помеѓу волонтерски однос и работен однос. Сепак, законот не треба да ја детализира содржината на договорот, туку само да ги изнесе основните принципи (права, обврски, престанок).
Некои дополнителни прашања влијаат врз волонтерите. Прво, организациите треба да ги информираат волонтерите за нивните права, обврски, и подробности на волонтерството - пред да се ангажира волонтерот, така што волонтерите може да донесат информирани одлуки за услугата која ќе ја обезбедуваат. Второ, правниот систем треба да им дозволи на невработените поединци да продолжат да примаат бенефиции како невработени, додека се ангажирани во волонтерска работа. Трето, во случаи на долгорочно волонтерство, државата може да размисли за признавање на правото на здравствени и пензиски бенефиции. На крајот, организациите треба да ги исполнуваат основните стандарди на Законот за труд, кои се однесуваат на безбедност во работата и хигиената.
Како заклучок, овластувачката правна рамка на волонтерство (1) го признава волонтерството и го разликува од работен однос; (2) осигурува дека граѓаните можат слободно да учествуваат во волонтерски активности; (3) отстранува пречки за волонтерството; (4) ги штити волонтерите додека тие изведуваат волонтерски активности; и, (5) поттикнува волонтерство и обезбедува дополнителни посебни бенефиции на волонтерството.3
1 На пример, во Чешка владата сакаше да ја оданочи вредноста додадена на времето на волонтерите во организацијата. Во Хрватска, организациите имаат потешкотии во регистрирањето “обезбедување волонтерски услуги” помеѓу нивните статутарни активности, со оглед на тоа што надлежните за регистрација тврдат дека заради недостиг на правна дефиниција, не е јасно што би значело ова.
2 На пример, оданочувањето на надомест на патни трошоци на волонтерите претставува проблем во Македонија и го обесхрабрува ангажирањето волонтери.
Види исто: Илиева Душанка (“Рестриктивна даночна политика кон НВО”, Граѓански свет, бр. 25, 2003)
3 Повеќе информации за поддршка на правната рамка на волонтерството на веб-страницата: www.ient.org
ПОИМНИК
Индикатор/показател: Квантитативна или квалитативна варијабла, чија цел е да ги измери промените во текот на определен временски период. Индикаторите се алатки кои се користат за набљудување/оценување на ресурсите, активностите, продуктите и влијанието или резултатите во правец на постигнување на целите на проектот.
Родово сензитивните индикатори се оние кои содржат информации за тоа кој учествува во активностите, дали се тоа жените или мажите, девојчињата или момчињата, кој има корист од продуктите од проектот и како проектот/интервенцијата ќе влијае врз животот на жените и мажите.
|