репортажа: Јужна Африка
ПО АПАРТХЕЈДОТ – ПОМИРУВАЊЕ
Студиското патување во Јужна Африка беше дел од програмата Страници за меѓусебно разбирање која својот највидлив дел го има во страницата “Меѓутоа” што секој четврток ја објавуваат Дневник, Утрински весник и Факти, како и неделникот Лоби. Претставници на МЦМС, Здружението на новинарите на Македонија и на весниците, имаа прилика да го видат начинот на известувањето во Јужна Африка, функционирањето на печатените, но и на електронските медиуми, да дознаат како тече процесот на помирувањето и како придонесуваат медиумите во тој процес и се разбира да запознаат дел од Африка и нејзините жители.
Ја познавав Јужна Африка од приказните на оние што ја посетиле, од филмовите за апартхејдот и црните херои, жртвата на Нелсон Мандела и сличните на него.
Посетата создава многу поинаква, многу потопла, поспектакуларна и пошокантна приказна.
За апартхејдот
Владеењето на апартхејдот во Јужна Африка започнало во 1948 година. Белата, апартхејдска влада, го третирала црнечкото население само како работна рака. Во суштина, црнците во Африка во тој период биле многу помалку од тоа.
“Африканерите” (белци-потомци на колонизаторите) биле третирани како народ и уживале во привилегиите на државата. Како што вели Клив Емонд, независен медија-тренер, “политиката на апартхејдот е слична на политиката на нацистите”. Дека никој не е толку вреден како белците, Владата повторувала постојано. Таа не препуштајќи го на случајот образованието на младите бели генерации, ги подучувала дека од Индијците може да испаднат доббри келнери и собари, а од црнците добри аргати.
Владата имала различна развојна политика за различните категории луѓе.
Црнците биле сметани за привремени минувачи кои ќе се вратат во нивните племенски делови кога ќе немаат работа во индустриските делови.
Во индустриските делови црнците влегувале со посебни пропусници. Во градовите можеле да влезат само оние што имале работа, оние што живееле таму повеќе од 10 години или оние што таму имале имот.
Дури и во затворите белците биле одделени од црнците. Освен што биле сместувани во различни блокови, за нив се готвело во различни тенџериња, дури и содржината на јадењето значајно се разликувала.
“Никој вистински не ја познава нацијата додека не бил во нејзините затвори. Нацијата не треба да биде судена по тоа како ги третира високите граѓани, туку и најниските. Јужна Африка ги третира затворените Африканци како животни” рекол Нелсон Мандела, првиот претседател во постапартхејдска Јужна Африка.
Црнците имале поголеми соби во затворите, не за да имаат поголема комоција, туку за да бидат сместувани повеќе луѓе во една просторија. Иако делот каде што биле сместувани црнците можел да прими 979 лица, во него биле сместени 2.207 затвореници.
Справите за мачење на затворениците и денес стојат во затворот, сведочејќи. Свирепоста на чуварите, како и екстремно нехигиенските услови, го направиле затворот последно живеалиште за многумина затвореници.
Насилната смрт не се случувала само зад затворската капија. Кога црнците ќе побарале повеќе права, тоа била доволна провокација и често повод за масовни убиства на улиците на предградијата. Притоа, не било важно дали се работи за деца.
На 16 јуни 1976 година црните ученици го започнале протестот против употребата на јазикот “африканс” во наставата (јазикот африканс е наметнат од страна на холандските колонизатори и тој всушност е вештачки јазик базиран на стариот холандски, со англиски примеси). Учениците го доживувале како јазик на поробувачот. “По ѓаволите со африканс”, бил еден од транспарентите што ги носеле учениците на протестите. Вооружени единствено со нивните училишни униформи кои покажувале кои се, учениците се движеле по улиците на предградието Совето. Велат дека полицијата без предупредување пуштила гас и отворила оган на децата. Општа мешаница, детски тела што безживотно лежат по улиците, викотници кои ви се чини можете да ги слушнете движејќи се низ просториите на Меморијалниот центар “Хектор Питерсон”. Од ѕидовите ве гледаат нивите раширени очи, полни со ужас, неверување. Сликата на 13-годишниот Хектор Питерсон чие безживотно раскрвавено тело го носи еден маж, преку Ројтерс го обиколи светот. Хектор бил една од најмладите жртви на тој 16 јуни. Неофицијалните податоци велат дека полицијата на апартхејдската влада убила 500 деца, наспроти официјаните информации за околу 100 загинати. Целиот свет го виде ужасот на апартхејдскиот режим во Јужна Африка. Сепак, беа потребни уште цели 24 години за да исчезне тој.
Совето
Уште пред официјализирањето на политиката на апартхејдот, за црното население биле градени предградија (“тоњнсхип”, во Јужна Африка ова подразбира дел од градот каде што живеат црнци) во кои можеле да престојуваат тие додека работеле во градовите.
Совето (Соутх, Њестерн Тоњнсхип) е едно од најпознатите такви предградија. Неговата изградба започнала во 1932 година и во него требало да се сместат црните работници кои биле ангажирани во Јоханесбург или неговата околина.
Совето е лоциран далеку од делот каде што живееле белите луѓе кои не сакале да бидат свесни за сиромаштијата во која живееле нивните црни сограѓани. Совето бил лоциран далеку и од индустискиот град (30 км) каде што работеле црните работници за да го “трошат” времето во превоз до работа и до дома, за што би имале помалку време за своите семејства, за поправка на своите домови, за образование итн.
Совето денес се простира на територија од 120 км2 и претставува дом за 1.300.000 според официјалната, односно за 4.000.000 луѓе според неофицијалната статистика.
Овде живеел и Нелсон Мандела пред да биде одведен во затвор и 11 дена откако се вратил од затвор. Совето е единственото место во светот каде што на една улица (Вилакази) живееле двајца добитници на Нобеловата награда за мир, Нелсон Мандела и д-р Дезмонд Туту, бискуп на Јоханесбург и претседавач на Комисијата за вистината и помирувањето.
Пред влезот во Совето, нашиот домаќин Тапело не предупреди дека не треба да ги сожалуваме луѓето што ќе ги сретнеме. “Тие се горди и среќни со тоа што го имаат”, ни рече тој. Тогаш не ја сфатив вистинската порака на Тапело.
На самиот влез на една од населбите во Совето ја имавме првата средба со неговите жители. Млади луѓе, направиле мало импровизирано пазарче за сувенири. Лицата им се озарени како да виделе стари пријатели што долго не ги сретнале. Ни приоѓаат и не поздравуваат. Добредојдени сме во нивната населба. А населбата е посебна приказна. Најголем дел од живеалиштата тешко можат да се наречат куќи. Направени се од ламарина и навистина се мали, но секоја има мало беспрекорно чисто дворче. Улиците на Мотсоаледи, како што се вика населбата, не се асфалтирани. Немаат струја ни вода. Владата им обезбедила јавни тоалети и по една чешма на секоја улица. Сепак тие се обидуваат да бидат во тек, за малкуте телевизори и за радијата користат акумулатори. Дури 60% од жителите се невработени, ни кажа нашиот водич, и самиот жител на населбата. Вработените главно се ангажирани во градежништвото каде што платата е околу 1.000 ранди (8.000 МКД). Невработените се обидуваат да заработат преку тргување. Купуваат зеленчук и овошје на големо, го препродаваат на мало.
На заминување повторно ги сретнавме уметниците на населбата, барем така се претставија повеќето од младите луѓе кои ги продаваа сувенирите. Воведувајќи н$ во уште една африканска уметност, “ценкањето”, ни продадоа дел од нивната уметност нераскинливо поврзана со Јужна Африка.
Помирување
Крајот на апартхејдот се случил во 1990 година. Претседателот Де Клерк го објавил укинувањето на забраната за дејствување на Африканскиот национален конгрес, Панафриканскиот конгрес и на Јужнофриканската комунистичка партија. Нелсон Мандела по 27 години затвор бил ослободен на 11 февруари 1990 година. Ова требало да биде најава за новите, подобри времиња за црното население на Јужна Африка.
“Ние, народот на Јужна Африка, препознавајќи ја неправдата во нашето минато, во чест на оние што страдаа за правдата и слободата на нашата земја, почитувајќи ги оние што работеа за да ја изградат и развијат нашата земја и верувајќи дека Јужна Африка им припаѓа на сите што живеат во неа, обединети во нашите различности...” вака започнува преамбулата на Уставот на Јужна Африка кој Јужноафриканците го сметаат за демократски акт што ги гарантира слободите и правата на граѓаните на нивната земја. Донесувањето на Уставот во 1994 година ги отвори демократските процеси во кои расчистувањето со минатото и дознавањето на вистината за апартхејдот ќе има главна улога. Вистината за Јужноафриканците е императив во процесот на помирување. Овој процес, пак, за нас од Балканот отвори многу недоумици и чудења кои главно беа поврзани со менталитетот на нашите домаќини, толку различен од нашиот.
Агнес
Агнес беше нашата домаќинка во една од најсиромашните куќи, ако тоа воопшто може да се нарече куќа, во населбата Мотсоаледи во Совето. Ја затекнавме како готви ручек на парафинско шпоретче затоа што во нејзиниот дом нема струја. Нејзините три деца стари 9, 11 и 13 години своите лекции ги учат на парафински ламби. Куќата која има 20-30 м2 е направена од ламарина, а преградните ѕидови помеѓу кујната и спалната се од лесонит. Агнес ни кажа дека за ручек готви само зеленчук, месото е луксуз во нивниот дом.
Агнес е вдовица, работи само еден ден во неделата и заработува 80 ранди (640 МКД). Дугите денови се занимава со трговија, купува и препродава за да заработи некоја пара. При престојот во куќата на Агнес, н$ изненади ѕвонењето на мобилниот телефон. Агнес вели дека мора да го има ако сака да ја најдат оние на кои им треба работник.
Гонце Јаковлеска
|