ПРОЕКТ „шКОЛА ЗА ДЕМОКРАТИЈА“
Десет “демократски” тетратки
Во втората половина на јуни ќе излезат од печат десетте тетратки по демократија, како дел од проектот „школа за демократија“ кој го иницираа и го спроведуваат Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество (ИДСЦО) и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ).
Проектот е финансиран од Британската амбасада и од ФИООМ. Тетратките ги изготвува тим составен од експерти, студенти, активисти на НВО и индивидуалци, а нивната цел е да придонесат кон развојот и усовршувањето на демократските процеси во Република Македонија. Тетратките ќе бидат отпечатени на седум јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и бошњачки. Нивниот пристап е мошне оригинален – терминологијата и идеологијата на демократијата да ја претстават низ перцепцијата на обичните луѓе – сладоледџијата Диме, пиљарката и трговец Ермира, луѓето кои ги сретнуваме во нашето маало, на пазар, шетајЌи се во недела низ парк... И, како што се вели во воведот даден за овие тетратки, нивната цел е на граѓаните да им покажат дека демократијата може и да се научи, но и да се развива, бидејќи не е „завршено слово“, затоа што „човековата способност за правда ја прави демократијата можна, додека човековата склоност кон неправда ја прави неопходна“, и поради многу други причини.
Кон лесната читливост и атрактивност на тетратките придонесува и нивниот оригинален дизајн, дело на дизајнерскиот тим од „Кома лаб.“.
М.И.
|