“ГРАЃАНИ ЗА ГРАЃАНИТЕ”
Одговорност на носителите на јавните функции
Во организација на Коалицијата “Граѓаните за граѓаните”, а со поддршка на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер, во просториите на Клубот на пратениците во Скопје, на 5-ти март се одржа јавна дебата на темата “Одговорност на носителите на јавните функции”. Јавната дебата имаше за цел отстранување на нејасните елементи во регуларноста на постапките и процедурите, а со експертската анализа требаше да се објаснат законските процедури и можности за санкционирање на незаконски активности на носителите на јавните функции. - Не сме овдека да им судиме на политичарите, тоа ќе го сторат гласачите кои им изразиле поддршка. Ние сме тука за да им испратиме порака на политичарите: дали си ја исполнивте својата должност? Политичарите треба да се пример за граѓаните, истакна г. Андреас М. Клајн, од Фондацијата Конрад Аденауер. Поводот за организирање на Дебатата беше секојдневното соочување на јавноста со информации за откриени злоупотреби на службените должности и овластувања на носителите на јавните функции. Санкциите за казнување и спречување на ваквите појави, според организаторите на Дебатата, досега изостанувале, и покрај очигледноста на криминалните и нелегални акти за кои медиумите обилно информираа во изминатиов период. Нивниот заклучок е дека мислењата на јавноста се поделени и се чувстувава недостаток од соодветни информации, а одредени кругови ги окарактеризираа овие настани како политички реваншизам. Еден од учесниците на Дебатата, проф. д-р Панде Лазаревски од Институтот за социолошки и политичко-правни науки, оваа појава ја искоментира со непрофесионалноста на нашите политичари: - Во нашата земја, а и во соседството, најмалку се води сметка за професионалноста на донесувањето политички одлуки. Нема професионални политичари обучени за тој проблем. Тоа мора што побрзо да се случи во Македонија - рече тој. На Дебатата учествуваа дваесетина експерти од различни области: правни експерти, претставници на јавното обвинителство, на Министерството за правда, на МВР, Народниот правобранител, јавниот обвинител и заменикот-јавен обвинител, дипломати, судии, професори и други.
Д. Медароски
|