ВОВЕД Информираме, поттикнуваме и - наградуваме
"Граѓанскиот свет" го бележи вториот месец од своето постоење. Бројот еден што е пред вас се обиде да ги регистрира случувањата во граѓанското организирање. Во таа насока ги потенцираме наградите за граѓанско општество и демократија и за одржлив развој "Херт Јан ван Апелдорн" што ги воспостави МЦМС. Наградите ќе бидат новина во функционирањето на граѓанското општество. Тие ќе имаат за цел да го поттикнат граѓанското организирање, да ги потенцираат оние што дале посебен придонес во граѓанското организирање, да ги провоцираат другите да го следат нивниот пример.
Во конкуренцијата за наградата за граѓанско општество и демократија секако ќе влезат и некои од здруженијата на граѓани чија главна преокупација е обезбедувањето еднаков пристап за лицата со посебни потреби. Некогаш поуспешно, некогаш помалку успешно, тие го свртуваат вниманието на јавноста кон себе и ја испраќаат пораката. Здружението "Полио плус" испрати една таква порака на многу практичен начин, со ставање на инвалидски колички на местата каде што лицата со посебни потреби не можат да стигнат поради тоа што нема т.н. рампи. Реакциите се многу позитивни, односно практични. Објектите, пред чии влезни врати беа поставени количките, се во фаза на поставување на рампи или веќе се поставени. Но, што е со останатите објекти од јавен интерес? Треба ли да се постават инвалидски колички пред секоја од нив за да ја сфатат пораката и да им овозможат еднаков пристап на сите граѓани? Она што ми остави посебен впечаток беше помошта што „Усје” им ја намени на Сојузот на слепите лица. Станува збор за 60.000 ГМ што најдоа адекватна примена во Сојузот и неговите членки. Ова е посебно впечатливо поради фактот дека соработката помеѓу приватниот и граѓанскиот сектор е на многу ниско ниво или воопшто ја нема. Охрабрувањето на ваквите иницијативи е повеќе од приоритетно за здруженијата на граѓани. Во врска со соработката, неизоставно треба да се стави акцент и на соработката со јавниот сектор, а овде на државните институции. Меѓу нив, Министерството за труд и социјална политика остава впечаток на институција која најмногу комуницира со здруженијата на граѓани. Министерството заедно со Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ) и Организацијата за еманципација солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) организираше конференција за заштита и превенција од насилството врз жените. Конференцијата е дел од поширока кампања која треба да иницира измени во Законот за брак и семејство. Истото Министерство заедно со Американската амбасада го помогна и воспоставувањето на првото прифатилиште за жени и деца жртви на насилство наречено "Шелтер центар". И на крај за соработката помеѓу самите здруженија на граѓани. Освен претходноспоменатата иницијатива на СОЖМ и ЕСЕ тешко дека ќе наидете на заеднички настап на две или повеќе здруженија на граѓани. Секако, причините за ова можат да бидат најразлични како „препотенција” дека „ние” знаеме сами се` најдобро да направиме и не ни е потребна ничија помош, или страв од конкуренција, или нешто сосема трето. Понатамошниот развој на граѓанското општесто и неговите актери (здруженијата) веројатно ќе придонесе кон растење на свесноста за потребата од соработка со „другите”. Се надеваме дека ќе уживате во читањето на новото издание на „Граѓански свет”. Ако новите содржини придонесат кон вашата подобра информираност, или ако кај вас иницираат нови активности и соработки, тогаш сме ја постигнале нашата цел. А за тоа во голема мера ви благодариме и вам. Гонце Јаковлеска
|