На педагошкиот факултет во Скопје

Медиотека и методичка училница

Во рамките на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје, од минатиот месец работат медиотека и методичка училница, отворени и опремени преку програмата Креативна настава и учење што ја спроведува Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Фондацијата во текот на изминатата година отвори медиотеки и методички училници и на педагошките факултети во Битола и во Штип.

Просториите се комплетно опремени со техничка опрема - компјутери, ЛЦД-проектори, печатачи, скенери, фотокопири, аудиоапарати, како и со столчиња, клупи и табли. Освен тоа, во тек е обнова на библиотечниот фонд, а на сите три факултети се извршени различни реконструкции (на електричните инсталации, на тоалетите и слично).

Целта на оваа донација е да се создадат услови за подобро образование и за квалитетно практично оспособување на идните наставници за употреба на интерактивните техники и методи за настава. Програмата Креативна настава и учење е финансиски поддржана од Програмата за меѓународен развој на САД – УСАИД.

М.И.