Црвениот крст го одбележа Денот на гладта

Акција посветена на Тоше

“Помислете и на нас” беше мотото под кое годинава Црвен крст на Скопје, заедно со пет свои општински организации и американската гимназија “Нова”, го од­бележаа 16 октомври, Меѓународниот ден на гладта, кој речиси секоја година традиционално се одбележува со различни видови хуманитарни акции. Годинава на три локации во Скопје се реализира хуманитарна акција. Активисти на Црвениот крст на Скопје во ГТЦ, во ТЦ “Бисер” и во ТЦ “Лептокарија  продаваа филџани за чај и млеко, а средствата од продажбата ги наменија за обезбедување пакети со прехранбени производи што ќе им бидат поделени на старите лица од руралните средини, како и на социјално загрозените семејства. 

Од Црвениот крст велат дека одѕивот за оваа хуманитарна акција бил голем, а дека потврда се и собраните средства. “Со акцијата волонтерите на Црвениот крст уште еднаш потсетија на глобалниот проблем на гладта и неговото постоење во нашето опкружување. Тажно е да се напомене дека денот на акцијата, 16 октомври, беше денот кога трагично загина нашиот Тоше Проески. На прашањето дали таа да се реализира, младинците беа едногласни, да се реализира и да му се посвети на Тоше”, велат од Црвениот крст на Скопје. “Тоше беше нашиот хуманитарец”, беше логото со кое беа покриени штандовите на Црвениот крст. На нив беа поставени постерите од последната кампања реализирана во соработка со големата пејачка ѕвезда.

С.К.