Изложба во организација на НВО Арт Студио

Ликовни дела посветени на мирот

Во септември 2001 година земјите членки на Обединетите нации официјално ја донесоа Резолуцијата А/Рес/55/282 со којашто го основаа 21 септември како Ден на мирот, кој секоја година се одбележува како ден на глобалниот прекин на огнот и насилството и како ден на глобалната унија на мирот.

На покана од Џереми Гили, од глобалната организација на Пис ван деј (Пеаце оне Даѕ), со активно учество во одбележувањето на Денот на мирот се вклучи НВО Арт студио. По тој повод во холот на НУБ „Свети Климент Охридски” во Скопје беше поставена ликовна изложба на млади автори од 12 земји во светот.

„Целта на Арт студио е да ги инспирира и да ги мотивира сите граѓани, како и да оформи една нова платформа каде што преку креацијата и уметноста се еманципира и се култивира едно зрело демократско општество” - истакна Ирена Гапковска од НВО Арт студио.

Во присуство на голем број млади ликовни автори од нашата земја изложбата ја отвори Глигор Ташковиќ, министер за странски инвестиции во Владата на РМ. Освен ликовните дела, на изложбата беше прикажан филм со пораки за мирот, кои пристигнаа од Лондон.

Настанот во Скопје беше снимен и со дополнителни пораки за мирот од Македонија во ДВД-формат ќе биде испратен во Лондон, каде што ќе биде претставено учеството на нашата земја во одбележувањето на Денот на мирот.

Скептицизмот дека во светот некогаш мирот ќе стане реалност е голем и реален, но пораката на овој настан е да се претстави гласот на личноста и на Денот на мирот да се потврди уште еден идеал - дека гласот на личноста има влијание и моќ во решавањето на проблемите и конфликтите на глобално ниво.

Т.Д.