САШО СТОЈКОВСКИ, НАНСЕН ДИЈАЛОГ ЦЕНТАР
Промовираме дијалог за ненасилно разрешување на конфликтите
Дијалогот е една од алатките за ненасилно разрешување на конфликтите што ги промовира НДЦ Скопје во своите активности. Во секоја од активностите се вклучени претставници од етничките заедници во Македонија, половата и територијалната застапеност, вели Сашо Стојковски Маријана Иванова
Сашо Стојковски е дипломиран професор по одбрана и заштита и студент на постдипломски студии во “Балкански центар за мир”. Работното искуство го започнува во Балканскиот центар за мир каде што работи една година на постдипломските студии како секретар, а истовремено работи и како асистент на проектот на УНЕСКО - Култура на мирот.
Тој е еден од основачите на Нансен дијалог центарот во Скопје во 1999 година, каде работи како проект-координатор на програмата за млади политичари.
Г.С. - Што е Нансен дијалог центарот? Каков вид организација е и која е нејзината мисија? Како е основана и од кого?
С.С. - Нансен дијалог центарот Скопје е невладина организација, дел од “Балкан дијалог проектот” на Академијата Нансен во Лилехамер и Институтот за истражување на мирот во Осло. Во рамките на проектот од 1999 година до денес отворени се 9 канцеларии (Скопје, Приштина, Митровица, Белград, Подгорица, Мостар, Сараево, Бања Лука и Осијек) кои наедно ја сочинуваат мрежата на Нансен на Балканот, а финансиската поддршка доаѓа од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Нансен дијалог центарот Скопје официјално почна со работа во јануари 2000 година на програмата наречена “Програма за градење мир” која во себе содржи три потпрограми: за млади политичари, за средношколци и за соработка со невладини организации.
За реализација на програмата во НДЦ Скопје се вработени 4 проект-координатори, еден асистент, еден сметководител и еден администратор.
Мисијата на НДЦ Скопје се заснова на следново: поддршка на развојот на граѓанското општество преку стимулирање на процесите на дијалог помеѓу индивидуите и социјалните групи во општеството; промовирање на вредностите на мирот и ненасилното разрешување на конфликтите; поддршка и зајакнување на меѓукултурната размена помеѓу различните културни заедници што живеат во Македонија; градење мрежа од активисти за поддршка и реализација на активностите на НДЦ Скопје.
 Г.С. - “Дијалог” е очигледно клучен збор, содржан и во името на Центарот. Каков вид дијалог спроведувате?
С.С. - Дијалогот е една од алатките за ненасилно разрешување на конфликтите што ги промовира НДЦ Скопје во своите активности. Во секоја од нашите активности имаме во предвид да бидат вклучени претставници од етничките заедници во Македонија, половата и територијалната застапеност, а за големината на групата и времетраењето на активноста, нормално, зависи од финансиските можности и оптималните услови за работа со група.
За да дојдеме до сесија на конструктивен дијалог, потребно е да се исполнат неколку услови за коишто е потребно одредено време, како што се: симнување на искривените перцепции едни за други, стереотипите и предрасудите; намалување на емоциите...
Преку градењето на комуникациските вештини: доверба, искреност, емпатијата, разбирање, говор на телото, играње улоги, самокритичност, критичко размислување може да се очекува процес на добар дијалог. Да не ги изоставиме и (партиските) ставови, средината во која живееме, традицијата, културата кои имаат влијание во самиот процес.
Нормално да се дојде до сето ова потребно е одредено време, во зависност од целна група со која работите, вештините кои ги поседува фацилитаторот, и начинот и методите по кои работи.
Слободно можам да кажам дека акцент ставаме и на дружењето (социјализацијата) по сесиите или предавањата на кое предавачите од запад му даваат големо значење, а наедно и кај нас се покажа како ефективно.
Г.С. - Какви резултати произлегуваат од таквите активности?
С.С. - Резултатите секогаш се различни, зависно од тоа колку самата индивидуа е спремна да го прими и примени она што се работи на работилниците, способноста да прифати факти, аргументи, ставови и размислувања од другата страна и нормално подобрување на критичкото размислување пред градење сопствени ставови за одредена работа.
Поконкретни резултати можам да презентирам од програмата за млади политичари на којашто работам, каде што по сесиите на дијалог за најчувствителните прашања, како што се вооружениот конфликт во Македонија и Рамковниот договор, нивните одговори и коментарите, во евалуациите што на крајот од секоја реализирана активност ги даваме, пишува: позитивни промени, нови сознанија, вештини, начин на размислување...
Еден од визуелните резултати е продолжувањето на соработката и самоиницијативноста за дружење на учесниците по завршувањето на активноста, без разлика на етничката и партиската припадност.
Г.С. - Кои се позначајните проекти спроведени од Нансен дијалог центарот?
С.С. - Во досегашната четиригодишна работа НДЦ Скопје има реализирано повеќе од 80 семинари, неколку трибини, концерти, екскурзии итн. Би ги издвоил “Школата за млади политичари”, “Курсот за развој на управување” и “НВО парламент”.
Проектот “Школа за млади политичари” е активност на НДЦ Скопје која за прв пат почна да се реализира оваа година и во неа учествуваат 20+20 учесници од 9 политички партии во Македонија. Школата беше организирана два пати оваа година и траеше по 18 дена. Во неа учество зедоа професори од Правниот и Економскиот факултет, професори од странство, новинари - тренери, како и други локални тренери. Беа опфатени теми од економијата, правото, ЕУ и ООН, дијалог и идентитет, ненасилно разрешување на конфликти и обуки за односи со медиумите. Во вториот дел (септ.-окт.) како гости предавачи беа г-ца Радмила Шеќеринска,
г. Васил Тупурковски, Абдулменаф Беџети, амбасадорот на Кралството Норвешка, претставници Комисијата на ЕУ во Македонија и други.
Целта на овој проект е преку неформална едукација на младите политичари стекнување нови сознанија и вештини од областите на горенаведените теми, подобрување на меѓупартиската соработка и пренесување на знаењата во нивните партии. Од групата регрутираме дел од учесниците кои пројавуваат интерес за одреден предмет, кои со дополнителни обуки стануват тренери и работат на реализација на програмата на НДЦ Скопје.
За следната година ги зголемуваме активностите во оваа потпрограма и планираме да бидат реализирани дополнителни регионални школи за млади политичари во Македонија и во Норвешка.
Во контекст на овој проект би додал само дека со дел од учесниците во школата изработивме работилници “Обука за менаџери на изборен процес” во кои тие се ангажирани како обучувачи.
Г.С. - Нансен дијалог центарот, следејќи го животното кредо на човекот чие име го носи, промовира идеја за мир, толеранција, почитување на човековите права. Колку тоа може да биде успешно во општество какво што е македонското, денес?
С.С. - Кога би го зеле фактот колкав е бројот на луѓе и организациии во Македонија што професионално се занимаваат со овие теми во споредба со земјите од запад, процентуално, ние сме многу далеку од она што е потребно во македонското општество. Генерално гледано, најголемиот дел од ваков вид едукација го вршат мал дел од невладините организации, по нешто на одредени факултети и меѓународните организации. За разлика од запад, темите како што се мирот како вредност, мирољубивото разрешување конфликти, човековите права, толеранцијата, надминувањето на разликите, комуникациските вештини, Европската Унија..., можете да ги видите преку игри во детските градинки до институти и факултети за истите. Како многу важен фактор кој не смееме да го изоставиме е економската состојба на државата и инвестирањето од страна на државата во неформалната квалитетна едукацијата. Досега фактите зборуваат дека ваквиот вид едукација за горенаведените теми најголемиот дел од нив се реализирани со финансиска поддршка од странство. И, трет фактор е политиката. Големиот број политизирани граѓани не можам да кажам дали е добра или лоша работа за едно општество, но тврдам дека однесувањето и изјавите на лидерите на политичките партии има големо влијание во креирањето позитивна или негативна политичка, безбедносна и социјална клима во државата, што директно имаат влијание врз работата не само на НДЦ Скопје, туку и врз сите граѓани. Појавите како што се нацинализмот, сепарацијата, насилството, несигурноста, стравот, непочитувањето на човечкиот живот како најголема вредност се појави што ни’ враќаат со години назад, а ние како граѓани мораме да почнеме да градиме одбранбени механизми и методи како да бидат минимизирани, а во исто време да даваме конкретен придонес во градење едно цврсто и здраво општество какво што го имаат скандинавските земји
|