Донација од “Космофон”

Болницата во Демир Хисар со реновирани простории, трпезарија и санитарни јазли

Мобилниот оператор “Космофон” донира средства за реновирање простории на Психијатриската болница во Демир Хисар. Пациентите со нарушено ментално здравје во болницата во Демир Хисар ќе добијат подобри услови за болнички престој. Со донација на „Космофон” вредна 150.000 евра, реновирани се дел од просториите каде што престојуваат и се лекуваат пациентите, трпезариите и просториите каде што се служи храната, пералниците и санитарните јазли во објектот. Психијатриската болница во Демир Хисар е основана во 1932 година, а во неа денес се згрижени околу 600 пациенти. Во болницата во Демир Хисар успешно функционира и кабинет за музика, сликање, работилница за рачна изработка и библиотека.

Според зборовите на директорката на Одделот за односи со јавноста во „Космофон”, Емилија Трајковиќ-Христова, стратешка определба на компанијата е да биде социјално одговорна, која секогаш помага и се грижи за оние на кои помошта им е најпотребна.

„Го подобривме стандардот на болничкиот престој на штитениците, бидејќи тоа беше посочено како приоритетно од Министерството за здравство. Ова е една од четирите донации што ги вети ’Космофон’ по повод ребрендирањето”, истакна Христова. Таа нагласи дека на овој начин компанијата сака да биде пример што ќе се следи - да покаже дека деловниот раст и општествениот придонес одат заедно и дека ако секој од нас им се посвети барем малку на овие цели, резултатите ќе бидат огромни.

Заблагодарувајќи се за донацијата, министерот за здравство, Имер Селмани, нагласи дека реновираните простории се посебно важни за лицата што повеќе години престојуваат во оваа болница. Тој нагласи дека тенденција на Министерството е да се намали бројот на пациенти што ќе се лекуваат во Душевната болница во Демир Хисар, а да се зголеми бројот на пациенти што ќе се лекуваат во дневните болници за да бидат со семејството и за нивна побрза ресоцијализација.

С.Н.