ЈУБИЛЕИ
Слават Црвениот крст, ИКОМОС и Гутенберг
Црвениот крст на Македонија минатиот месец прослави 60 години од своето постоење. Овој голем јубилеј беше обележан со свечена академија и свечена седница, во чии рамки беа доделени над 100 јубилејни плакети на активисти, хуманитарци и пријатели на Црвениот крст. Покровител на прославата на јубилегот беше претседателот на државата, г. Бранко Црвенковски, а постхумно признание беше доделено за трагично загинатиот претседател Борис Трајковски.
На 18 април, меѓународниот ден на културното наследство, беше прославена и 40-годишнината од формирањето на меѓународниот ИКОМОС. Македонскиот ИКОМОС јубилејот го прослави со пуштањето во редовна работа на просториите во Безистенот во Старата скопска чаршија.
Уште еден интересен, меѓународен јубилеј ќе биде обележан во јули годинава – музејот Гутенберг во Мајнц, Германија, ќе ја прослави 400-годишнината од излегувањето на првиот весник во светот. Ќе биде отворена изложба за историјатот на весниците. Гутенберг музејот има добиено официјално признание за навршувањето 4 века од печатените медиуми од Меѓународната асоцијација на весници, ВАН.
М.И.
|