интервју: Дарко Алексов, претседател на граѓанската асоцијација МОСТ

Набљудувачите на МОСТ не се чувари на изборите


Зад вас се парламентарните избори во кои граѓанската асоцијација МОСТ и овој пат беше вклучена како набљудувач. Во споредба со минатите, на кое скалило на постигната демократија ги сместувате овие избори?
Според прелиминарната оценка што ја изнесе МОСТ, веднаш по изборите, текот на овие избори го оцени како стабилен, но со тип на инциденти коишто беа карактеристика и на претходните изборни циклуси, како што се полнење кутии, кое овојпат споредбено беше со доста помал интензитет, за сметка на прокси и групното гласање, кои беа зголемени. Регистрирани беа и проблеми со  спроведување на процедурата на пребројување  на гласовите. Најголемиот дел од нерегуларностите се повторија и на денот на прегласувањето на 29 избирачки места. Најмногу сенка на овие избори фрли предизборната кампања, односно инцидентите во неа. Но, граѓаните и овојпат покажаа дека вината за нерегуларностите не треба да се бара во нив, тие знаат достоинствено да се појават на гласачките места и да го остварат своето право на глас. Поттикнувачи на нерегуларностите и во минатото, а и на овие избори, беа партиските активисти. 

Инаку, да споменам дека најбројната домашна мисија за набљудување на изборите, МОСТ, овојпат на избирачките места распореди 3500 набљудувачи, а дополнително на денот на изборите ангажирани беа и мобилни тимови, кои служеа како логистичка поддршка и ги надгледуваа и оние места на коишто немаше наши набљудувачи. Предизборниот период го следеа наши волонтери и координатори и врз основа на нивните извештаи ние го оценивме текот на предизборната кампања. Во извештајот соодветно место ќе најде и оценката по завршувањето на изборите, како и процесот на жалби и приговори што го поднесуваа партиите.      
 

Ја покажаа ли гра­ѓаните (не)очеку­ва­на­та доверба кон вас? Низ кои начини можеа да комуницираат со МОСТ, дали ги искористија понудените можности да се вклучат во регистрирањето на она што се случуваше на изборите?  
МОСТ е граѓанска организација, работи во име и во корист на граѓаните. Тоа граѓаните многу добро го знаат и го поддржуваат. И во неизборен период тие активно се вклучуваат во проектите и активностите коишто ги работи МОСТ. Ние имаме база на податоци на повеќе од 10.000 граѓани, кои биле дел од нашите набљудувачки мисии. Но, и за овие избори интересот беше огромен.

Заради ограничените средства, дел од граѓаните кои сакаа да придонесат кон транспарентност на процесот, мораа да бидат одбиени, за што најдлабоко им се извинуваме. И повиците на бесплатниот телефон 080 и во текот на кампањата и на денот на изборите, не изостанаа. Тоа ни овозможи добивање поширока и поразновидна слика за тоа што навистина се случуваше на теренот.

Набљудувачите евидентираа низа неправилности,  а еден од нив беше и отстранет при прегласувањето во тетовското село Бродец. Бевте ли изложени на  притисоци од страна на партиите и нивните приврзаници со цел да ви попречат во работата?

На денот на изборите тензиите се присутни и многу нормални. Различни луѓе имаат и различни карактери, па не може да се рече дека целата партија го делела мислењето на нивниот претставник на тоа избирачко место. Точно е дека во Бродец настанало недоразбирање помеѓу претставниците на политичките партии и дека неколку набљудувачи, меѓу кои и нашиот набљудувач, беа отстранети од избирачкото место. Но, тоа не може да го окарактеризираме како притисок, ниту како попречување во работата. За среќа, тоа беше изолиран случај.

Инаку, нашите набљудувачи не можат да бидат „чувари” на изборниот процес. Тие се таму да гледаат што се случува и за тоа да известуваат. Доколку некој решил да го наруши процесот и го натера нашиот набљудувач да го напушти местото, тој тоа и ќе го направи. Во инструкциите што ги добиваат од нас јасно е наведено дека нивната безбедност и сигурност ни е на прво место. Нема потреба да се расправа и да инсистира да остане таму, зашто и онака ние ќе го одбележиме гласањето во тоа место како нарушено. Инаку, МОСТ пред почетокот на изборите оствари контакти со скоро сите политички субјекти, вклучени во процесот, и нивните раководства беа запознаени со нашите активности и начинот на дејствување. Таквиот пристап не остава простор за можни недоразбирања и вршење притисоци.

Нашата работа е транспарентна и МОСТ е отворен за соработка и размена на информации со кој било субјект којшто е дел од изборниот процес. Мислам дека таквиот начин на работа е позитивен и со него се овозможува добивање реална слика за состојбите.
 

Уште пред официјалниот почеток на изборната кампања, јавно им укажувавте на партиите дека избрзуваат, но тие продолжуваа. Колку вашите предупредувања, сугестии и резултати беа почитувани од страна на државните институции и на странските организации во земјава во текот на изборниот процес, но и пред и по него?
Сметам дека укажувањата на МОСТ се земаат предвид и се почитуваат. Атмосферата во предизборието беше таква што се чинеше дека никој не го слуша тоа што го кажувавме ние. По малку свој придонес во таквата ситуација дадоа и оградувањата од страна на Државната изборна комисија, односно нејзиното самопрогласување за ненадлежна. Меѓутоа, нашата мисија е да го следиме процесот и да известуваме за него. С$ што беше забележано за овие избори ќе си најде соодветно место во нашиот извештај и во препораките коишто ќе бидат вклучени во него. Да не заборавиме дека голем дел од препораките од минатите изборни циклуси си најдоа соодветно место во постоечкиот Изборен законик и, ако можам да забележам, квалитативно ги подобрија решенијата. Секако, искуството од спроведувањето на овие избори, исто така треба да биде земено предвид и пред наредните избори да се допрецизираат нештата коишто доведуваа до забуни и недоречености. Да се вратам на прашањето, да, нашите кажувања се почитувани од надлежните институции и вклучените страни во процесот. Па нели сите вечерта чекаа да им ги соопштиме резултатите и да им кажеме кој колку пратеници освоил, зашто и овој пат се покажа дека нашите резултати беа најбрзи и најточни.

Катерина Богоева