ВОВЕД


До каде сме?

„Пронаоѓање на патот, заедно” е насловот на мојот вовед во мајскиот број на Граѓански свет. Тогаш порачав да нема „нереалистични очекувања за тоа што граѓанските организации можат да сторат”, во контекст на судирите во земјата, и дека „долгорочните стратегии ќе направат разлика и за тоа се потребни соодветни ресурси и многу трп­ение”. Моите очекувања беа дека „граѓанските организации можеби ќе ја имаат клучната улога во „пронао­ѓањето на патот заедно”. Оттогаш поминаа неколку месеци. Време е за прашањето до каде сме?

Еден од организаторите на „Го обравме бостанот” изјави дека вклучувањето на медиумите во оваа акција е поради пасивноста на невладините организации (НВО). Иако е  под знак  прашање дали НВО би требало да органи­зираат такви активности, рака­вицата е фрлена. Дали е точно дека НВО се пасивни?
Активностите не говорат во при­лог на тоа.
Од март, „месецот на мировни пораки” на Институтот отворено општество (ИОО), СОЖМ, МЦМС и други, настана кампањата „Доста е” на ИОО.
Неколку домашни НВО, како Ел хилал,  се носечки во хума­нитарната помош на расе­лените лица и лицата во подрачјата со ограничено дви­жење. Започната е НВО хумани­тарна координација во која учествуваат НВО, без разлика на нивната етнич­ка, верска или родова припадност. НВО хумнитарната координација е вклучена во Националната хумани­тарна координација „и претставува нејзина врска со случувањата”.
Сепак, нешто ме загрижува. 
Со потпишувањето на Охрид­скиот договор се смени кон­текстот. Во мај сe уште бевме во потрага по заедни­чкиот пат. Охридскиот договор би требало да биде тој заеднички пат. Сепак овој дого­вор етничките Албанци го дожи­вуваат како делум­на, но сепак победа, а етничките Македонци, и политичарите и јав­носта, го дочекаа со нескри­еана жестокост или пак со неволно одобрување. Одеднаш, она што требаше да биде заед­нички пат не се дожи­вува така. Ова донесе до блокада на НВО од дилемата да се под­држи или не Охридскиот договор. Тоа најдобро се виде од фактот дека ниту една релевантна НВО не застана позади медиумската кампања за поддршка на Охрид­скиот договор. 
Затоа граѓанските организации можеби и не треба да се фоку­сираат на Охридскиот дого­вор. Можеби е подобро и ресурсите и трпението да се насочат кон наредниот период на градење на меѓусебната доверба и други долгорочни активности кои ќе ни бидат неопходни.

Сашо Клековски

ПС „Го обравме бостанот” кој колку и да ми се допадна поради креативниот и со хумор полн дух на нашите граѓани, сепак е активност на „една страна”, која не успеа да ги привлече меди­умите од усло­вно „другата стра­на”. А тоа е предизвикот, како да најдеме минимум заеднички интерес за иднината.