МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР
Десетта детска ликовна работилница
Фестивалот “Мал битолски Монмартр”, една од најпопуларните детски ликовни манифестации кај нас, прославува десетти јубилеј. По тој повод, беа одржани повеќе манифестации, активности, гостувања...
Во Скопје се во тек две изложби на фестивалот, како придонес на децата-уметници за прославата на 60-годишнината од ослободувањето на главниот град на Македонија. Поставени се во Културно-информативниот центар во Скопје и ќе бидат отворени за посетителите до 11 декември 2004 година. Првата изложба ги опфаќа делата создадени на 10-тата јубилејна летна ликовна работилница, и е насловена како “Бисери на малиот битолски Монмартр”, а втората, под наслов “Пелистерска рапсодија” претставува дела кои беа создадени во рамките на истоимената работилница организирана во рамките на годинешниов фестивал.
Годинава, својот јубилеј Малиот битолски монмартр го одбележи и со две значајни гостувања – му припадна честа да го отвори меѓународниот уметнички фестивал “Монмартр на Европа” што се одржа во мај и јуни во Париз, Франција, на кој учествуваа деца од околу 30 европски држави. На овој фестивал беа изложени 60 детски цртежи од Македонија, во чест на 60-годишниот јубилеј од АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија). Потоа, по покана од Меѓународниот олимписки комитет, Малиот битолски Монмартр учествуваше на Олимпијадата во Атина, на изложбата на ликовни дела од налов “Олимпијадата во очите на младите”.
М.И.
|
|