Студентска иницијатива
„Сакаме нов студентски дом“
Веќе неколку месеци Сојузот на студентите при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” ја води кампањата чијашто крајна цел е нов студентски дом и реновирање и санирање на постоечките студентски домови.
“По повеќегодишни ветувања, дека ќе се подобри состојбата во студентските домови, сметавме дека е време самите да се зафатиме со оваа работа”, ни рече Славица Арсова од ССУКМ. “На крајот на краиштата, подобрувањето на студентскиот стандард, каде еден од најголемите приоритети е студентското сместување, нас н$ засега, затоа што ние, студентите, ги користиме тие услуги”, додаде таа.
ССУКМ, во соработка со Државниот студентски центар “Скопје”, направил проценка на состојбата во студентските домови, изготвил предлог-проект, го доставил до Владата и до ресорните министерства и сега го актуелизира и проблемот и неговото решение.
Музичкиот хепенинг “Пееме за да успееме” што се случи на 18 декември 2005 година е дел од планот на ССУКМ како да соберат средства со коишто ќе го реализираат својот проект.
“Влезниците од овој настан чинеа 100 денари”, вели Арсова, “а со доаѓањето на концертот студентите и нашите професори ја покажаа подготвеноста да помогнат во реализирањето на овој проект. Сите влезници беа донација којашто се уплаќа на посебна сметка отворена само за таа намена, за студентскиот дом. За жал, немавме таква поддршка и од Универзалната сала, неа моравме да ја платиме по комерцијална цена”. Охрабрени од успехот на концертот, ССУКМ се подготвува да направи уште два концерти, овој пат во Штип и во Струмица.
“Собравме средства, но она што е поважно, ја добивме поддршката од колегите. Ако дотогаш постоеше скептицизам меѓу студентите, по концертот тој многу е намален. Тие едноставно ни приоѓаа и прашуваа што треба да направат за да помогнат конечно да се реши овој проблем. Затоа можам да кажам дека сега го немаме проблемот со човечки ресурси, има доволно луѓе кои се и ќе бидат ангажирани во кампањата”.
Освен концертите, студентите планираат да направат добротоворни аукции на коишто ќе се продаваат донираните дела на студентите од Факултетот за ликовни уметности.
Изградбата на студентскиот дом и реконструкцијата и санацијата на веќе постоечките домови ќе чини 409.050.000 денари или околу 6.700.000 евра.
Во ССУКМ се свесни дека тоа е голема сума пари којашто тешко се собира. “Се надеваат и на поддршката од Владата и од министерствата, од бизнис-секторот и од други донатори. “Ние сме решени да ја започнеме изградбата на студентскиот дом оваа пролет. Дури и ако имаме пари само за да ги срушиме сегашните бараки, и тогаш ќе започнеме. Мислам дека на луѓето им е преку главата од ‘треба’ и ‘ќе направиме’, мислам дека тие сакаат да видат дека ‘правиме’”, вели Славица Арсова.
|