ЗДРУЖЕНИЕ “ГРНЧАР”, ВРАНЕШТИЦА
Да се сочува традицијата и знаењето
Здружението на граѓаните “Грнчар” од село Вранештица, Кичевско, постои само неколку месеци. Тоа е формирано од група грнчари од ова село, познато како најголема грнчарска заедница во Македонија, но и како место каде се произведуваат најквалитетните глинени производи.
Грнчарите од Вранештица покренаа иницијатива за зачувување на оваа традиционална вештина, за пренесување на знаењето на помладите, за модернизирање на некои фази од процесот на производство, како и за афирмација на нивните производи. Тоа го сторија преку програмата “Живо наследство” којашто во Македонија ја спроведуваат Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и Фондацијата Крал Бодуен од Белгија, а чија цел е да се поттикне развојот на локалните заедниците преку културните ресурси.
Здружението организира обука на млади луѓе и на деца од локалното училиште, кои ја научија традиционалната вештина на работа на грнчарско колце и изработка на предмети од локална глина, која се копа во близината на селото. Исто така, грнчарите добија стручна помош и обука од Републичкиот завод за здравствена заштита за модернизација на фазата на глазирање и приготвување глазура која не содржи олово. На презентацијата и прес-конференцијата којашто во ноември се организира во Музејот на Македонија во Скопје, беа презентирани брошурата и сертификатите за здравствената исправност на производите, издадени од Републичкиот завод за здравствена заштита. На оваа презентација беше демонстрирана изработка на производи на грнчарско колце, а исто така беа презентирани и локални специјалитети, зготвени во глинените садови.
Грнчарите од Вранештица изготвија и веб-страница:
www.vranestica-grancer.org.mk
М.И.
|