ДЕКЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ СИДАТА

Наскоро амбуланта за дневно лекување на ХИВ-болните

Во почетокот на идниот месец на Клиниката за инфективни болести треба да биде отворена посебна амбуланта за дневно лекување и советување на ХИВ-позитивните лица, додека во амбулантата “Водно” треба да профункционира младински центар за сексуално и репродуктивно здравје.

Проектот ќе го спроведува ХЕРА, финансиски помогната од Институтот за трајни заедници и УСАИД. За помош на лицата што живеат со ХИВ-инфекцијата, ХЕРА во соработка со Норвешката црковна помош и владата на Норвешка основаа Фонд за набавка на антиретривирусната терапија во износ од 15.000 евра. Овие средства ќе бидат наменети за купување лекови кои во моментот ги нема на Клиниката и во земјава, а средствата ќе се рефундираат од Фондот за здравствено осигурување.

Во соработка со Здравствениот дом “Скопје” ќе се отвори сервис за здравствени услуги, едукација и советување на младите на возраст од 14 до 18 години, што ќе биде лоцирана во амбулантата “Водно”.

Како најчеста причини што доведуваат до инфицирање и ширење на инфекцијата се наведуваат трговијата со дрога и наркоманијата, трговијата со луѓе и проституцијата, како и предрасудите за ХИВ/СИДА.

Борбата против сидата, од која оваа година во светот починаа три милиони луѓе, с$ уште е далеку од нивото што е потребно за да се совлада епидемијата, предупредува УНАИДС во годишниот извештај.

Секој ден со ХИВ се заразуваат околу 14.000 лица. Со ХИВ оваа година се заразени пет милиони лица, со што бројот на носители во светот е зголемен на 40 милиони, од кои 2,5 милиони се деца помлади од 15 години.

Како цел УНАИДС себеси си постави до крајот на 2005 година да обезбеди пристап до антиретровирално лекување за три милиони лица.                                                                                     

Г.Ш.