Форум

„Кои се начините за поефикасна борба против трговијата со жени во Македонија“

Редовната рубрика ФОРУМ овој пат ја посветуваме на специфичната трговија со луѓе, отворајќи го пра­шањето „Кои се начините за поефикасна борба против трговијата со жени во Македонија“. Со свои согле­дувања на актуелниот проблем учествуваат две граѓански здруженија, а третиот планиран учесник Министерството за внатрешни работи, и покрај ветувањата, не ги достави своите видувања. ФОРУМОТ е отворен и за Вас на адресата: www.graganskisvet.org.mk или www.civicworld.org.mk, каде тре­ба да се пријавите со име и презиме, наведувајќи го името и на здружението на граѓани, доколку некаде членувате.

Весна Костеска - Здружение на жените правници - „ТЕМИС“:
„За успешна борба против трговијата со луѓе, а особено трговијата со жени и деца, неопходна е соработка и координација на активностите меѓу сите страни вклучени во оваа борба, и тоа полицијата, царината, судството, обвинителството и другите владини органи и институции, како и домашните и меѓународните невладини организации. Кога зборуваме на оваа тема, треба да го имаме пред себе фактот дека Македонија е се уште земја на транзит и крајна дестинација, а не и земја на потекло. Официјални податоци од страна на МВР дека од Македонија се тргува со жени во други земји немаме. Но, според неофицијални податоци на некои локални НВО, РМ станува и држава на потекло на жртви од трговија, кои најчесто се носат за Италија, а исто така има податоци за постоење и на внатрешна трговија, посебно со малолетници. Затоа сметаме дека превенцијата е многу битна за спречување на трговијата со жени и зазема значајно место во борбата против неа и напорите Македонија да не се претвори и во земја на потекло... Како битен фактор би ја навеле и едукацијата на полицајците, како први кои доаѓаат во контакт со жртвите, заради правилна иден­тификација на жртвите. Како земја на транзит и крајна дестинација треба многу да работиме на подигање на јавната свест за овој проблем, да развиеме програма за заштита на жртвите од трговијата со луѓе, како и мерки за нивна реинтеграција. Досега најчести средства со кои се користат трговците се измама и лажни огласи за добро платена работа.

Станка Маркоска - Отворена порта-Ла страда:
Нашата програма за превенција опфаќа одржување превентивни лекции и дистрибуирање пре­вентивни материјали во образовните институции. Со цел да обезбеди поефективна превенција на ниво на целата држава и да ги пренесе своите знаења и експертиза од областа на превенција од трговија со луѓе на други невладини организации од државава, Отворена порта почна со реализирање нов проект „Мрежа на невладини организации и заедничка имплементација на кампања за подигнување на јавната свест од трговија со луѓе“. Сметаме дека неопходно е итно донесување програма за заштита на сведоци, со цел максимална заштита на идентитетот на жртвата како предуслов за нивно охрабрување и доброволно појавување во својство на сведоци пред лицето на правдата. Програмата за заштита на сведоци ќе обезбеди побрза разврска на предметот и успешно завршување на судската постапка. Исто така, непоходно е Македонија побрзо да го ратификува „Протоколот Палермо“ како најмоќно меѓународно средство во борбата против трговијата со луѓе.

К.Б.