НАСТАНИ
ПУБЛИКАЦИИ
СОЈУЗ НА ГЛУВИ И НАГЛУВИ Речник на знаковни поими на албански јазик
Сојузот на глувите и наглувите на Македонија го издаде речникот на знаковни поими на албански јазик, во соработка со издавачката куќа АЛБ–АСС од Тетово. Ова издание е превод од претходно издадениот речник на знаковни поими на македонски јазик и е посебно значаен за децата и сите други граѓани од албанска националност кои имаат оштетување на слухот. Издавањето е финансирано од Институтит за трајни заедници од САД.
СЕИЗМО
Едно училиште – еден споменик
Здружението за валоризација, популаризација о педагогија на културното наследство СЕИЗМО од Скопје, со поддршка на Советот на Европа издаде две книги посветени на проектот „Едно училиште – еден споменик”. Во едната, авторот Панче Велков го претставува овој проект кој се одвива во неколку држави во Европа, а во втората, истиот автор со коавторство на Маја Рауник Кирков, Венета Иљовска и Аљоша Шопар, го претставуваат елаборатот на проектот и образовната програма за обработка на спомениците.
АОК
„Иновативност, претприемништво и водство”...
Асоцијацијата на отворени комуникации од Битола, ја издаде брошурата „Иновативност, претприемништво и водство”, од авторите Константин Петковски и Нуртен Сулејмани. Даден е кус преглед на овие три вештини, како и нивните дефиниции ид страна на странски автори. Оваа брошура финансиски ја поддржа МЦМС.
... И „Конфликти”
АОК ја издаде и брошурата „Конфликти” од авторите Мирослав Стојанов и Драган Груевски. На интересен начин се претставени причините за настанување на конфликтите, начините за нивно разрешување, преговарањето, посредувањето и арбитрирањето. И издавањето на оваа брошура е финансиски помогнато од МЦМС.
КИРИЛ ЈОНОВСКИ Преспа Со финансиска помош од Министерството за култура реализирана е една дамнешна граѓанска иницијатива – издавање на книга за Преспа. Авторот, Кирил Ј. Јоновски, вљубеник во ссвојот крај, го претставува регионот на Преспа со сите вредности од културен, стопански и природен аспект, меѓу кои доминира езерото и неговата околина.
ИКОН Сува игла и Монотипија Асоцијацијата за култура ИКОН оздаде две брошури – „Сува игла” и „Монотипија”, со поддршка од Институтот Отворено општество Македонија, Фондацијата Про-Хелвеција, УНХЦР и Амбасадата на Кралството Холандија. Во овие две публикации се претставени уметничките работилници на кои млади уметници создаваа дела со овие специфични техники.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ ЦД за озонот Канцеларијата за озон во Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Еко-прес центарот, го издаде компакт-дискот „Озон”. На него се претставени податоци за озонската обвивка околу нашата планета, нејзиното значење за животот на Земјата, како и за оштетувањата, озонските дупки и мерките кои се превземаат за заштитата на озонот кај нас и на светско ниво.
НОВИНАРСКА ИНИЦИЈАТИВА
Веб-страница за македонската криза Група на независни новинари од Македонија ја подготвува веб-страницата „Вистината за Македонија”, на англиски јазик, во која фокусот е ставен на кризата во која се наоѓа нашата држава. Но, на оваа веб-страница можат да се најдат и други податоци и фотографии за Македонија. Адрестата е: http://crisis.vmacedonia.com
ЈУНОНА И ВЕРТИКАЛА
Дојди во Македонија и срцето ќе ти остане тука
Здружението „Јунона – младешка женска сила” и микро-претпријатието „Вертикала” ја подготвуваат веб-страницата „Дојди во Македонија и срцето ќе ти остане тука” . Оваа страница е посветена на културниот туризам во Македонија и дава податоци за градовите и регионите и за културните и историските споменици во нашата држава. Адресата на страницата е: www.culture.org.mk или www.tourism.org.mk
|