Кампања за подигање на јавната свест за климатските промени
“Север југ исток запад” - изложба во Гостивар
Здружението на граѓани „Фронт 21/42”, во соработка со Британската амбасада, на 2 октомври го отвори Карванот за подигање на јавната свест во врска со климатските промени во Центарот за култура „АСНОМ” во Гостивар. Карванот е дел од глобалната кампања „Град без јаглерод” на Британскиот совет, а на чинот на отворањето говореа амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Роберт Чатертон Диксон, и градоначалникот на општината Гостивар, Невзат Бејта.
Во рамките на проектот е отворена изложба на 23 постер-фотографии „Север југ исток запад”, изработени од познати светски фотографи, кои на 12 локации низ светот со своите апарати документирале како Земјата и животите на луѓето се менуваат под влијание на климатските промени. Презентирани се и мерките што ги спроведуваат различните држави со цел да ги спречат катастрофалните последици коишто ни се закануваат. Прикажани се и кратки документарни филмови од истите локации, а е поделена и едукативна брошура со посебен осврт на климатските промени во Македонија и очекуваните последици од истите.
Во текот на ноември ќе бидат спроведени неколку анкети за информираноста и размислувањата на граѓаните на општината Гостивар во врска климатските промени, а ќе биде распишан награден конкурс за аматерска фотографија на тема „Климатските промени во моето место”, за учениците од средните училишта во Македонија. Најдобрите фотографии ќе бидат изложени во просториите на Британскиот совет по завршувањето на карванот низ повеќе општини во државава.
Повеќе информации за кампањата „Град без јаглерод” може да добиете на www.britshcouncil.org/zerocarboncits.
К.Б.
|