Партнерство за рурална Европа

Чешки искуства во руралниот развој

Наголемо најавуваниот и многу актуелен Инструмент за претпристапна помош ИПА (ИПА) од 1 јануари 2007 година ќе ги замени досегашните европски финансиски фондови ФАРЕ, САПАРД, ИСПА, КАРДС (Пхаре, САПАРД, ИСПА, ЦАРДС) и слични и треба да овозможи единство во програмирањето, финансирањето, мониторингот и евалуцијата на европската развојна помош наменета за државите кандидати за членство во Европската Унија (Хрватска, Македонија и Турција) и за потенцијалните држави кандидати за членство во ЕУ (Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и Црна Гора).

Претпристапните фондови имаат основна цел подготовка на државите кадидати за идното членство во Европската Унија. Инструментот за претпристапна помош (ИПА) преку својата сложеност за имплементација и менаџирање ќе треба да ја подготви Македонија за идно успешно користење на исто толку сложените структурни и рурални развојни фондови на Европската Унија.

Колку и да е нелогично, успешното практикување на сложеноста е возможно само преку едноставни пристапи, а принципот на „партнерство” едноставно е основата на сложената Европа.

Промоција и негување на партнерствата за развој на граѓанското општество, меѓународната размена и придонес во руралниот развој преку размена и меѓусебна поддршка на сите кои се заинтересирани за рурален развој низ цела Европа е целта на мрежата Партнерство за рурална Европа ПРЕПАРЕ (ПРЕПАРЕ). Мрежата Партнерство за рурална Европа ја сочинуваат две паневропски организации Форум Синергис и ЕКОВАСТ (Форум Сѕнергиес; ЕЦОВАСТ - Тхе Уропеан Цоунцил фор тхе Виллаге анд Смалл Тоњн) и девет национални рурални движења од Естонија, од Финска, од Унгарија, од Полска, од Словачка, од Словенија, од Шведска и од Литванија.

Афирмација на позитивните искуства на Република Чешка во процесите на приклучување кон Европската Унија видливи во постигнатите исклучителни резултати и целосно искористените расположливи претпристапни европски фондови беше фокусот на овогодинешната конференција ПРЕПАРЕ.

Во организација на Чешката национална рурална обсерваторија, Чешката мрежа на локални акциски групи и Локалната акциска група во Моравија Бучлов, од 18 до 23 јуни 2006 г. во Република Чешка се одржа годишната конференција и патувачките работилници на Партнерството за рурална Европа.

Работна тема на конференцијата беше „Еволуцијата и активностите на локалните акциски групи и нивната улога во руралните развојни програми”.

Таа е рефлексија на актуелните процеси за подготовка на националните рурални развојни програми во земјите членки на Европската Унија, кои треба да се вклопат во рамките на новата пазарно ориентирана Заедничка аграрна политика КАП (ЦАП) и Одредбата на Европската Унија за рурален развој за периодот 2007-2013. Одредбата побарува сите национални програми да обезбедат поддршка за ЛЕАДЕР - локалните акциски групи како спроведувачи на делови од програмата.

Локалните акциски групи во Република Чешка бележат брз развој од првото локално партнерство и првиот ЛАГ формиран во 1999 г. до сегашната развиена мрежа од 139 локални акциски групи, покривајќи 75% од чешката рурална област.

Локалните акциски групи имаат важна улога за руралниот развој имајќи ја предвид нивната поврзаност со иницијативата ЛЕАДЕР од развојните стратегии за рурален развој на Европската Унија. Претстојната Стратегија на Европската Унија за рурален развој 2007-2013 заснована на четири стратешки правци (оски) го истакнува ЛЕАДЕР како инструмент за хоризонтална дистрибуција на фондовите по останатите три вертикални оски.

ЛЕАДЕР има за цел градење на локалните капацитети за вработување и разновидност и претставува хоризонтална стратегија што ги обединува останатите три оски: подобрување на конкурентноста на секторите земјоделство и шумарство, унапредување на природната средина, и унапредување на квалитетот на живеењето во руралните средини и разновидноста на руралната економија.

Локалните акциски групи ги следат основните карактеристики на ЛЕАДЕР: територијален пристап, пристап оддолу кон горе (боттом-уп), локално партнерство, иновација, мултисекторска интеграција, интертериторијална или транснационална соработка, градење мрежи, и децентрализиран менаџемент и финансирање.

Чешките искуства за процесот на формирање на локалните акциски групи и нивното дејствување беа споделени преку патувачките работилници. Посетувајќи по неколку локални акциски групи, работилниците дадоа позитивни одговори на прашањата: Дали посетените ЛАГ претставуваат ефективно партнерство помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор?; Дали ЛАГ ги имаат вклучено и анимирано локалните жители?; Дали ЛАГ реално придонесуваат во областите социјала, економија и заштита на природната средина?

На Годишната конференција на ПРЕПАРЕ се дискутираше за темите: националните рурални стратегии во повеќе држави; развојот и зајакнувањето на партнерството помеѓу владиниот, приватниот и граѓанскиот сектор; ЛЕАДЕР-типови на структури и мрежи; улогата на владите и невладините организации во остварувањето на ефективни рурални развојни програми; како да се влијае на националните процеси на одлучување за развојните програми и одлуки за да се вклучи ЛЕАДЕР-филозофијата и методологијата во националните програми, вклучувајќи лобирање од регионални и национални авторитети и авторитети од ЕУ.

Позитивните чешки искуства во руралниот развој погледнати во светло на македонска перспектива јануари 2007 година и новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА) 2007-2013, наметнуваат неколку битни препораки:

- формирање национален форум за рурален развој како промотор на интересите на руралните заедници во Македонија и партнер на владините институции во креирањето на националната стратегија за рурален развој;

- зголемена информираност за потребата и градење ЛЕАДЕР-партнерства на локално ниво;

- градење локална структура и капацитети за поддршка на руралните развојни програми.

 

Миодраг Колиќ
Одделение за развој - МЦМС