Балканските земји во глобалната анкета за состојбата на граѓанското општество
Граѓанското општество на Балканот со мало учество на граѓаните и умерено влијание
                                                                                                                            албански
На 23-ти мај на седмото собрание на Светската алијанса за граѓанско учество – ЦИВИКУС во Глазгов, Шкотска, беше промовиран првиот том од „Глобалната анкета за состојбата на граѓанското општество”. Ова издание има за цел да ја подигне свеста на глобално ниво за улогата, јаките страни и слабостите на граѓанското општество низ светот. Во ова издание се вклучени резимеа од извештаите од Индексот за граѓанско општество за 44 земји. Индексот за граѓанско општесво е истражувачки проект кој во земјите кои учествуваа беше спроведен по единствена методологија од страна на национални партнери на ЦИВИКУС. Ова истражување ја проценува состојбата на граѓанското општество од аспект на неговата структура, околината во која дејствува, вредностите кои ги практикува и промовира и влијанието кое го остварува на општествено ниво.

Во оваа публикација на 10 страници е вклучено и резиме на извештајот за Македонија подготвен од Македонскиот центар за меѓународна соработка. Вклучувањето на извештајот за Македонија во ова издание овозможува споредба на состојбите и нивото на развој на граѓанското општество во Македонија со истите во земји од целиот свет - развиени, во развој и неразвиени, земји со демократии во развој и земји со долга традиција и историја на демократско и граѓанско општество. Сепак, за почетокот најсоодветно е споредбите да ги направиме со најнепосредното опкружување. Покрај Македонија, од балканските земји во истражувањето се вклучени: Бугарија, Грција, Романија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Споредбата на наодите за овие земји покажува многу сличности, но и некои карактеристични посебности. 

 

Историја на граѓанското општество на Балканот

Од историска перспектива, граѓанското општество во балканските земји забе­лежува многу сличен развој, посебно во оние кои произлегоа од СФРЈугославија. Модерното граѓанско оп­штество на Балканот започнува главно да се развива кон крајот на деветнаесеттиот век со појавата на првите добротворни организации, литературни и културни кружоци. Во Словенија и во Хрватска значајна улога одиграла Католичката црква што поттикнало хуманитарни активности и порано. По Втората светска војна, со создава­ње­то на социјалистичките земји, нив­ните власти го доживуваат граѓан­ското општетсво како закана, ги огра­ничуваат волонтерските активности и ги ставаат граѓанските организации под контрола на комунистичките партии. Во тој период основни форми на здружување во овие земји се спортските и кутурните асоцијации. Во Грција, пак, овој период се карактеризира со граѓанската војна (1946-1949), а подоцна и воената диктатура (1967-1974), за време на која граѓанските организации се одблизу следени од државата, а нивните активности се ограничени, вклучувајќи и апсења и убиства на активисти, интелектуалци и студенти. 

По падот на социјалистичките влади и по распадот на Југославија, во Романија, во Бугарија и во новоформираните земји кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите започнува поинтензивен развој на граѓанските организации. Предводници се еколош­ките движења, кои, на пример, во Бугарија одиграа битна улога и во падот на социјалистичкиот режим. Подоцна се јавуваат и други форми на граѓански организации. Многу од нив на просторите на поранешна Југославија беа одговор на војните, бегалските кризи и социјалните немири.

Периодот на транзицијата во повеќето посткоминистички земји на Балканот е проследен со интензивни политички збиднувања и промени на влади кои неизбежно имаат одраз и врз граѓанските организации, а особено врз нивните односи со владата. Некаде тоа подразбира и драматични предизвици за демократијата и граѓанското општетво (пр. Србија по атентатот на премиерот Ѓинѓиќ).    

Грција со пристапувањето во ЕУ во 1981 г., благодарение на политичките рамки наметнати од ЕУ, создава можности за зајакнување на граѓанското општетсво и неговото влијание, посебно во областите на антикорупцијата, животната средина и социјалната одговорност. Сепак, и покрај поинтензивниот развој во последните тринаесет го­дини, грчкото граѓанско општество е помалку развиено отколку во другите западноевропски земји. И Словенија, и Бугарија и Романија со влезот во ЕУ создаваат подобрена рамка за граѓанското општество, која сe уште не е целосно искористена.  

 

Дијаграм на граѓанското општество

Сумарните наоди за четирите ис­питувани димензии (карактеристики) на граѓанското општество: структура, околина, вредности и влијание за секоја земја се квантифицирани и може да се визуелизираат на дија­грам.


Структура на граѓанското општество на Балканот

Извештаите за земјите на Балканот во однос на структурата на граѓанското општетсво покажуваат дека заедничка карактеристика за сите е ниското ниво на учество на граѓаните во активностите на граѓанските организации и малку организации можат да се пофалат со широко членство (исклучок се синдикатите, некои хуманитарни, еко­лошки и женски здруженија). Мало малцинство од граѓаните, кое се движи од 8% во Грција до 35% во Хрватска, членуваат во граѓански организации, а исклучок е Словенија со 66% и Србија со 47%. Дел од организациите се креирани и водени од приоритетите на донаторите, наместо да се потпираат на мобилизација на граѓаните, по­ради што и не успеале да добијат поширока јавна поддршка. Последица од тоа е што активностите на граѓан­ските организации завршуваат со информирање и обезбедување под­дршка на граѓаните, без навистина да ги зајакнат и да ги поттикнат да бидат активни.

Друга значајна заедничка каракте­ристика е небалансираната географска дистрибуција и недоволната заста­пе­ност на маргинализираните групи. Мно­зинството од организациите се базирани во развиените урбани региони, а некои маргинализирани групи, како што се етничките и религиозните малцинства и сиромашните остануваат недоволно застапени, посебно во раководството на организациите. Финансиските ресур­си организаци­ите во сите земји главно ги обезбедуваат од донатори, додека поддршката од државата и од бизнис-секторот е минимална. Исклучок е Грција каде една третина од средствата се обез­бедуваат од државата.

 

Околина во која работат граѓанските организации на Балканот

Ниското ниво на доверба е карак­теристично за опкружувањето на граѓанските организации на Балканот. Социјалниот капитал е исто така многу мал и само малцинство од гра­ѓаните сметаат дека на другите луѓе може да им се верува. Ова е по­себно карактеристично за пост­комунистичките земји, каде соци­ја­листичкиот режим придонесе при­марно довербата да биде насочена кон семејството и блиските пријатели.  Социо-економскиот контекст е пово­лен за повеќето земји, со исклучок на Македонија, каде сe уште се чув­ствуваат негативните последици од вооружениот конфликт во 2001 г. и каде споредбено со другите земји сe уште постои релативно високо ниво на сиромаштија. Граѓанското општество е под влијание на отсуство или ограниченост на процесот на децентрализација од цен­тралната кон локалните власти, како во Бугарија, во Хрватска, во Романија и во Македонија.

 

Вредности на граѓанското општество на Балканот

Клучни вредности кои ги промовираат и практикуваат граѓанските организа­ции на Балканот се ненасилството, толе­ранцијата и грижата за животната средина. Транспарентноста е најмалку практикувана и промовирана вред­ност. Тоа во голема мера се должи на широкораспространетото јавно мис­лење во овие земји дека корупцијата е присутна во сите сектори, вклучувајќи го и граѓанското општество. Недос­татокот на транспарентност ја доведува во прашање улогата на граѓанските ор­ганизации како актери од кои се очекува да бидат предводници во борбата против овој феномен и промотори на граѓански вредности и одговорноста.

 

Влијание кое го остваруваат граѓанските организации на Балканот

Влијанието на граѓанските организации врз процесите на донесување и спро­ведување политики во повеќето бал­кански земји е фокусирано на низа социјални прашања, како давањето социјални услуги, заштита на децата (пр. Романија), заштита на жените (пр. Македонија). Но, кога е во прашање набљудувањето на работата на владата и барањето одговорност за други пошироки прашања, произлегува дека граѓанските организации во сите земји имаат прилично низок капацитет. Таков пример е националниот буџетски процес, каде многу малку организации ги изнесуваат своите ставови. Исто­времено на повеќето организации им недостасуваат ресурси за оваа цел, пред сe истражувачки капацитети за набљудување на буџетскиот процес и капацитетите за застапување.

Оценката за повеќето земји покажува и ограничено општествено влијание, кое организациите го остваруваат со зајакнување на граѓаните и задо­волување на нивните социјални пот­реби, пред сe на маргинализираните групи.

 

Сунчица Саздовска
Раководител на Одделелнието за граѓанско општество и демократија во МЦМС