Организациски промени (1)
Приспособување кон надворешното опкружување
Организациски промени
Организациските промени се неопходност за секоја организација поради потребата за приспособување кон динамичкото надворешно опкружување. Постојаните промени во средината - нови барања на клиентите, соочување со конкуренцијата, соочување со нов донатор, изменета владина политика, променета социјално-политичката средина, мора да бидат проследени со соодветна реакција на организацијата, промена на правилата, системите и процедурите, промени во работната изведба, нови продукти и услуги, друг начин на раководење и сл.
Според Адижес, секоја промена предизвикува проблем кој бара понатамошно решавање. Една од најголемите опасности при процесот на промени е да се обезбеди решеност за спроведување на промените, да се совлада можниот отпор така што промената ќе резултира со унапредување на работите, а не со хаос. За да се избегне создавањето хаотична ситуација, потребно е да се направи добра стратегија за организациските промени.
Во ситуација кога постои голема разлика помеѓу реалната и посакуваната состојба, добро испланирана стратегија за промени е потребна за да бидеме сигурни дека промената ќе води кон вистинско подобрување на организацијата.
При развивањето стратегија за промена на една организација важно е да постои свесност за разликата помеѓу она што би требало да се промени (содржините) и начинот на којшто би се извела промената (процесот).
За да се започне со процесот на промени во една организација потребно е да постои потреба за промена. Тоа се таканаречените двигатели на промени.
Двигатели на промената
Потребата за организациска промена уште се нарекува и двигател, покренувач на промената (Цханге дривер), нешто што го повлекува процесот за промена и ги мотивира луѓето од организацијата да го спроведуваат процесот на промена. Двигателите на промената можат да бидат внатрешно или надворешно мотивирани.
Надворешните двигатели на промената може да вклучуваат изменети потреби на целните групи, на клиентите или муштериите или променет состав на овие групи, поинтензивна конкуренција која бара подобрен квалитет на услугите, подобрени технологии кои отвораат перспективи за намалување на трошоците, интензивирање на квантитетот/квалитетот на услугите или променети закони, политики и правила (влади, донатори итн.) што бараат поинаков пристап.
Внатрешните двигатели на промената вклучуваат: изменет состав на персоналот со променети способности, очекувања, мотивација и култура на персоналот кои бараат промена во организационата структура, во работните методи и постапки, стиловите на раководење итн. Промената во раководењето може исто така да води кон разни промени во организацијата.
Лилјана Алчева обучувач/соработник на проекти во МЦМС
ПОИМНИК
Организациски промени се промените што ги прави организацијата за да се приспособи кон динамичното надворешно опкружување. Реакцијата на организацијата најчесто опфаќа промени на правилата, системите и процедурите, промена на начинот на раководење и сл.
Двигатели на промената е она шо го повелкува процесот за промена и ги мотивира луѓето од организацијата да го спроведуваат процесот на промена. Двигателите на промената можат да бидат внатрешни и надворешени.
|