Прва детска амбасада во светот - Меѓаши

Неформално образование низ детски работилници

Почнувајќи од октомври оваа година, Првата детска амбасада во светот - Меѓаши ќе спроведува активности за неформално образование низ детски работилници за компјутери, за англи­ски јазик, за едукација за човекови вредности, за театар, за литература, за астрономија, за екологија, работилница за ликовна уметност и за оригами. Работилниците претставуваат можност децата од различна етничка припадност и низок економски статус заеднички да се дружат преку позитивни и корисни алтернативи на користење на слободното време. Пре­ку нив, на децата им се овозможуваат различни активности според нивните интереси и со употреба на соодветни при­рач­ни средства да ја развијат креативноста и фантазијата. Работилниците ќе бидат отворени еднаш неделно од 16 до 20:30 часот. Групите се состојат од деца на возраст од 4 до 14 години.

Учеството во работилниците е без надомест , а истите се наменети само за децата членови на Меѓаши, каде членарината чини 300 денари годишно. Децата чии родители се социјални слу­чаи, децата без родители и децата бегалци се ослободени од плаќање. Уписот трае до 3 октомври.                      Г.Ш.

 

Втор детски конгрес против злоупотреба на детскиот труд и едукација

Од 4 до 8 септември, во Њу Делхи, Индија, Првата детска амбасада во светот - Меѓаши, како национален координатор на Глобалниот марш против детскиот труд, учествуваше на Вториот светски детски конгрес против злоупотреба на детскиот труд и за едукација. На конгресот учествуваа Емилија Милевска, асистент на програма и Ивана Стојановска (14 години), дете делегат, претставници на Детската амбасада Меѓаши.

На конгресот присуствувале повеќе од 200 деца од 30 земји од целиот свет, кои зборувале за искуствата со злоупотреба во фабрики, во рудници, во порнографија, проституција и тероризам, за лошите искуства на нивните врсници, како и за огромнота желба да им се помогне и да се најде решение за овој рас­течки проблем. На конгресот присуствувале и претставници од агенции на Обединетите нации, владата и граѓанското оп­штество во Њу Делхи, кои ветиле дека во иднина ќе се залагаат за елиминирање на каков било облик на детска злоупотреба. Претставниците на Меѓаши информирале за состојбата во Македонија и добиле поддршка за активностите коишто ги презема амабасадата против детската злоупотреба, како и понатамошна соработка со другите членки на оваа светска организација.         Г.Ш.