Реакции на Првата детска амбасада Меѓаши

Децата се злоупотребуваат политички и се користи нивниот труд

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши остро реагираше на вклучувањето на децата во годинешното одбележување на денот на македонската армија. Амбасадата ја осуди оваа, како што ја нарекоа злоупотреба на децата во политички цели, за агитирање и политичка кампања за влез на Македонија во НАТО, а своите критики јавно ги упати до министерот за одбрана, Лазар Еленовски и на Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп.

„Да се настапи со мото ’Македонија во НАТО, ние децата нивно злато’, говори доволно и за покровителот, министерот за одбрана, и за организаторот, Детската амбасада за сите деца во светот.  Срам е за Министерството кое троши државни пари од граѓаните и поддржува граѓанска организација која ги злоупотребува децата за политички цели” - посочија од Меѓаши, чии членови, за овој случај, упатија и претставка до Народниот правобранител, Иџет Мемети, и побараа оставка од министерот Лазар Еленовски и бришење на Детската амбасада за сите деца во светот од регистерот на граѓански организации.

Во текот на август Првата детска амбасада во светот – Меѓаши реагираше и по повод злоупотребата на десткиот труд, иницирана од смртта на 13-годишниот Авни Адеми од Гостивар, кој го загуби животот рабитејќи во сервис за миење автомобили.

„Ова е драстичен пример за кршење на одредбите од Конвенцијата за правата на детето, Конвенцијата против најлошите форми на детски труд (182) и на Националните закони”, посочи Меѓаши и го повика Јавниот обвинител да преземе мерки согласно националните закони и меѓу­народните регулативи, односно да поднесе кривична пријава против Ф.Љ. - сопственик на  сервисот за миење автомобили, наедно апелирајќи за злоупотребата до трудовите инспектори, за кои сметаат дека не им пос­ветуваат доволно внимание на работодавците кои ги злоупотребуваат децата како работна сила, и со тоа го кршат Законот за работни односи на РМ.