По повод Денот на државноста
Традиционално искачување на Голем Кораб
Во организација на Планинарското спортско друштво “Кораб” од Скопје, на 04.09.2005 г. се одржа традиционалното меѓународно искачување на највисокиот планински врв во Македонија, Голем Кораб (2.754 мнв), на планината Кораб. 14-та година по ред планинарите од нашата држава на овој начин го одбележуваат 8 Септември, Денот на државноста на Република Македонија. Во последниве 2-3 години сe поголем е интересот на планинарите од соседните држави, но и од земји од светот, за учество во оваа акција, и од тие причини искачувањето се одржа викендот пред 8 септември.
Оваа година во искачувањето учествуваа повеќе од 1.000 планинари, меѓу кои над 100 од 17 земји од светот. За првпат имаше учесници од Украина, од Узбекистан и од Јужна Кореја, а веќе вообичаено е присуството на планинари од Србија и Црна Гора, од Босна и Херцеговина, од Хрватска, од Бугарија, од Словачка, од Полска и од Русија. Учествуваа и планинарските друштва од Македонија. Бројката од 65 активни друштва укажува на фактот дека планинарството е еден од најмасовните спортови во нашата држава. Сите тие се организирани како здруженија на граѓани чија цел се унапредувањето и развојот на планинарството кај нас, ширењето на љубовта кон планините и кон природата, поттикнување на развојот на еколошката свест, а како спортска цел е, секако, освојувањето на што поголем број високи планински врвови, не само во Македонија, туку и во странство.
Планинарското спортско друштво “Кораб” од Скопје, освен како организатор на акцијата за искачување на врвот Голем Кораб, е едно од најактивните и најбројните планинарски друштва кај нас. Постои од 1997 година, има повеќе од 200 активни членови и во текот на годината организира околу 50 акции. Искачувањето на врвот Голем Кораб и оваа година помина во најдобар можен ред, без инциденти или несреќни случаи. На секогаш непредвидливиот Кораб, временските услови беа идеални за искачување. Од причини што врвот се наоѓа во гранична зона, организаторот доби голема помош и соработка од Граничната бригада на МВР.
Т. Д.
|