Сметководство на непрофитните организации II

Платен промет на непрофитните организации

2.4. Што содржи налогот за безготовинско плаќање и кога се пополнува?

Налогот за безготовинско плаќање или образец ПП 30 се пополнува за сите без­готовински плаќања, односно кога се вршат плаќања директно од една сметка на друга. Налог за безготовинско плаќање е налог за пренос на средства, а ги содржи следните елементи: назив (име) на нало­годавачот – се впишува називот на носителот на сметката од која се пренесуваат средствата; број на сметката на налогодавачот – се впишува бројчаната ознака на жиро-сметката на налогодавачот; назив (име) на примателот – се впишува називот на носителот на сметката на која се пренесуваат средствата; бројот на сметката на примателот – се впишува бројчана ознака на жиро-сметката на при­мателот; износ – се впишува из­носот кој се исплаќа и тоа на начин каде што пред бројот се става ѕвездичка или знак еднакво (=), износот се впишува во денари и дени, и тоа на начин денарите од дените да се издвојат со децимална запирка со две децимални места, а износот на илјадите се раздвојува со точка; цел на дознаката – кратко се опишува целта на плаќањето; шифра на описот на плаќањето – се внесува ознаката на описот на плаќање која ја одредува банката; повик на бројот на задолженијата – се внесува договорената ознака за да има налогодавачот допол­нителна информација за целта на плаќањето; повик на бројот на одобрувањето – се внесува дого­ворената ознака за да има примателот дополнителна информација за целта на плаќањето; датум на валутата – се впишува датумот  кога треба да се изврши налогот; датум на поднесувањето – се впишува датумот кога налогот е поднесен на извршу­вање во банката; заверка на налогодавачот – се заверува налогот со потпис на одго­ворното или одговорните лица.

2.5. Што содржи налогот за јавни приходи

Налогот за јавни приходи или образец ПП 50 се пополнува за плаќање на обврските на државните (буџетски корисници) и даноци и јавни давачки кои произлегуваат од редовното работење. 

Образецот ПП 50 ги содржи следните еле­менти: назив (име) на налогодавачот – се впишува називот на организацијата од чија сметка се пренесуваат средствата; бројот на сметката на налогодавачот – се впишува бројот на жиро-сметката; даночен број или ЕМБГ; цел на дознака – кратко се опишува целта на плаќањето; назив на примачот – се впишува името на буџетскиот корисник;  износ – се впишува износот кој се исплаќа и тоа на начин кадешто пред бројот се става ѕвездичка или знак еднакво (=), износот се впишува во денари и дени, и тоа на начин денарите од дените да се издвојат со децимална запирка со две децимални места, а износот на илјадите се раздвојува со точка; бројот на трезорската сметка; уплатна сметка - бројот кој ја определува општината и приходното место; сметка на буџетскиот корисник – неговата лична сметка; приходна шифра и програма – бројот на видот на приходот, назив (име) на примачот –се впишува името на буџетскиот корисник; бројот на сметката на примателот – се впишува бројчана ознака на жиро-сметката на примателот.

Налогот за јавни приходи се поднесува во 2 примерока. Првиот примерок останува за банката како налог врз основа на кој е извршена исплатата од сметката на плаќачот. Банката ја потврдува исплатата на другиот примерок – налог за исплата или на друг начин.

3. Може ли сметката на непрофитната организација да биде блокирана и кои се обврските на организацијата во тој случај?

Сметката на непрофитната орга­низа­ција како правно лице може да биде блокирана поради неизвршени налози за плаќање (пр. законски обврски, јавни приходи, судски и извршни пресуди и сл.) и тогаш организациите не можат да извршуваат смет­ковод­ствени плаќања  (плаќања со кои се подмируваат обврските и/или се на­плаќаат побарувања пресметковно, без пренос на пари т.е. пребивање, цесија, асигнација, отстапување на долгот). Доколку непрофитната организација има отворено повеќе сметки за редовно работење, должна е првиот ден по приемот на известувањето за блокадата на сметката да даде налог за пренос на средствата од другите сметки на смет­ката која има евидентирани не­извр­шени налози за плаќање. 

 
Подготвиле
Милка Божиновска–Миова
Емина Нурединоска

Користен материјал:  “Морам, могу и хоцу (рацуноводство малих удруга)”, ИЦНЛ, Ри-Центар