ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ОБСЕ
Трчачка мировна манифестација
Во организација на ОБСЕ, а под покровителство на претседателот на Македонија, г. Борис Трајковски, на 18 мај годинава, се одржа традиционалната „Цветна трка“. Се трчаше на релацијата Тетово-Скопје, долга 42 км. Оваа манифестација се одржува седми пат, од 1995 година, во традиционален спортски и хуманитарен дух. Како што изјави портпаролот на ОБСЕ, г. Волфганг Гревен, трката претставува голема мирна демонстрација и доказ дека е можно луѓе од различни националности заедно да работат и да се забавуваат.
Годинава учествуваа над 800 лица, односно 42 екипи од по 20 учесници, од домашни и меѓународни граѓански организации, од владини и меѓувладини агенции, како и од странски амбасади и институции во земјава. Прва од плоштадот во Тетово до плоштадот во Скопје годинава пристигна екипата на Градот Скопје. Ова е нивна трета победа во досегашниот историјат на трката за промоција на мирот и разбирањето.
Средствата собрани од трката ќе им бидат доделени на здруженијата на децата заболени од церебрална парализа од Скопје и од Тетово и на Здружението на децата со оштетен вид.
Д.М.
|