Средношколците од Литванија победници
Во Собранието одржано Светско првенство во дебатирање
Средношколците од Литванија се победници во Светското првенство во дебатирање, што во јули се одржа во македонското Собрание. Тие, за големиот пехар се натпреваруваа со средношколците од Летонија на тема на кој начин да се победи дрогата. Средношколците од Летонија се обидуваа да докажат дека позитивната стратегија за намалување на штетата од користење на дрогата преку граѓанските организации со доброволно лекување е подобар начин, додека Литванците го поддржуваа законот и обврзувачкото лекување од ова зло.
Јан Ивичек од Чешка беше прогласен за најдобар дебатер. Манифестацијата е одржана во организација на Младинскиот образовен форум, во соработка со Меѓународната дебатна асоцијација и на неа учествуваа над 220 средношколци од 25 земји од светот. Покровител беше претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски кој меѓудругото рече дека одбраните теми се актуелни во сите држави во светот без разлика на нивниот развој и географска положба, нагласувајќи дека особено задоволство му причинува можноста да следи како младите од целиот свет дискутираат, дебатираат, предлагаат решение и визии за решавање на вакви сериозни прашања. Тој дополни дека Македонија како држава која ги промовира демократијата и толеранцијата како највисоки вредности, е вистинското место за ваков корисен и едукативен собир, а нејзината највисока законодавна институција е најсоодветно место за финалето во натпреварот по дебатирање.
|