СОЖМ и владините институции заедно
Родова рамноправност на локално ниво
Сојузот на организациите на жените на Република Македонија во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Одделението за унапредување на рамноправноста помеѓу половите и 10 општини во Македонија, и со финансиска поддршка од мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, започна со имплементацијата на проектот “Промовирање на родова рамноправност на локално ниво”. Промоцијата се одржа на 12 јануари, годинава, во Клубот на пратениците во Скопје, кога беа промовирани и отворените канцеларии за поддршка на комисиите за родова рамноправност. “Проектов за родова рамноправност на локално ниво ќе ни помогне и нам, на Владата, при одговорањето на многу битни прашања од европрашалникот за Македонија, како што се верските, националните и сл. разлики”, истакна Ацо Јаневски, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика”.
Џералдин Бјалерстед, одговорно лице за родова рамноправност во мисијата на ОБСЕ во Македонија, поддржувач на проектот, нагласувајќи дека оваа организација веќе подолго време финансира вакви и слични проекти, додаде: “Македонија е членка на ОБСЕ, а ОБСЕ е голем донатор за проекти врзани за родовата рамноправност. Овој проект засега почнува да функционира во 10 општини, со исто толку регионални комисии за родова рамноправност. Но, ние нема да застанеме овде, туку ќе се залагаме вакви комисии да се формираат и во другите општини во Македонија, ќе помогнеме да се доизгради и развие нивниот капацитет”. Проектот ќе се одвива во три фази. Првата опфаќа институционална поставеност на комисиите со формирање комисиите како постојани тела во општините, втората фаза цели да се зголеми родовата свест со организирање семинари, работилници, пропаганден материјал и информациски кампањи, а третата се однесува на формирање и работа на националната мрежа на комисиите за родова рамноправност.
Савка Тодоровска, претседателка на СОЖМ, нагласи дека оваа година се очекува донесување на законот за родова еднаквост, што оди во прилог на досегашните заложби на организацијата.
Д. М.
|