Меѓуверски летен камп
Меѓуверската и меѓунационалната соработка основа за подобар живот
Од 13 до 17 јули, годинава, во х. Бисер, Калишта, се одржа вториот меѓуверски летен камп, каде учествуваа претставници од Македонската православна црква, од Исламската заедница во Македонија, од Католичката црква, од Евангелско-методистичката црква и од Еврејската заедница во земјава. Кога пристигнав во хотелот, учесниците веќе се подготвуваа за утринското предавање. Некои го пиеја утринското кафе и се шегуваа, а некои шетаа крај брегот на Охридското Езеро. Човек не можеше да забележи некоја разлика меѓу нив. Темата на првото предавање тој ден, иако позната, ги заинтригира сите, се однесуваше на Ерусалим, колевка и на исламот и на христијанството. Од предавањето можеше да се слушне дека сите вери повикуваат на дијалог и сите луѓе треба да се сакаат меѓу себе. Другото зависи од тоа како луѓето ги толкуваат нештата и дали се изворни.
Веќе по втор пат, на истото место, се одржува Меѓуверскиот летен камп на којшто се собираат претставници од различни верски заедници, се дружат и разговараат околу различни теми од религиите. Тие се дел од програмата за меѓуверска соработка што ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка и петте верски заедници во Македонија.
„Меѓуверскиот летен камп беше организиран пред две години и поради успешноста на проектот повторно се најде време и потреба да се организира, во Струга, каде што може да дојде до израз меѓуверскиот дијалог. Присутни се студентите од двата теолошки факултети, Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, како и претставници од евангелско-методистичката и од католичката заедница. Студентите на почетокот на кампот беа запознаени со целта на програмата и активностите коишто ќе се одвиваат во текот на програмата, а предавачи се професори од двата факултети. Студентите за време на кампот се дружат заедно и надвор од програмата, ловат риби, одат на плажа, навечер пеат итн.”, ни изјави Анета Јовковска, одговорна за спроведување на проектот.
Во текот на летниот камп студентите имаа можност да слушнат предавања на различни теми од професори од двата теолошки факултета и другите верски заедници. Поставуваа прашања и дебатираа, а бидејќи програмата беше доста флексибилна, учесниците имаа можност меѓусебно да се дружат повеќе време.
Еден од учесниците беше и Антонио Поповски, апсолвент на Богословскиот факултет.
„Ова не ми е првпат да бидам во средина каде има и претставници од другите верски заедници. Имав можност да отидам во Сараево во посета на исламски објекти, каде се дружевме заедно со припадниците на другите верски заедници и не доаѓаше до израз таа разлика. Бидејќи на факултетот имавме предмет ‘Историја на религиите’, отприлика ми се познати сите религии. Предавањата на професорите од Исламскиот и од Богословскиот факултет и другите верски заедници ми служат за лична едукација и спознавање кога треба да се сподели личното искуство за да се пренесе на другите каков е верскиот живот на другите заедници.”
Јелиз Даут е апсолвент на Факултетот за исламски науки. Таа е за првпат на летниот камп и многу е задоволна од програмата, и тоа што на едно место, неколку дена, има можност да се дружи со припадници на другите верски заедници. „Би сакала да кажам дека надвор од програмата се чувствуваме послободно, кога преку прашања дознававме за ритуалите, обичаите на другите религии. Мислам дека ова наше позитивно искуство може да се сподели и во други средини.”
Во Програмата за меѓуверска соработка во Македонија, освен летниот камп, преку целата година се одржуваат предавања на двата теолошки факултети, Богословскиот и Исламскиот, каде професорите и студентите од едниот факултет одат на другиот и ги посетуваат верските објекти на сите пет заедници опфатени во програмата.
Учесниците на кампот имаа можност да ја посетат Шарената џамија во Тетово и Бигорскиот манастир “Св. Јован Крстител”, како и годинешнава традиционална Галичка свадба.
„Многу ми е мило што учествувам на меѓуверскиот летен камп. Сметам дека меѓурелигискиот дијалогот е битен во овие простори, каде соживотот е многу битна работа. Не ми првпат да се среќавам со претставници од другите верски заедници. Секогаш сме имале убави искуства и човек може да научи нешто ново. И покрај предавањата, до доцна навечер останувавме да поразговараме од најдлабоките тајни на религиите до најобични работи од секојдневниот живот, како на пример носиите на свештениците итн. Се раѓа еден мошне плоден дијалог и така ова е еден пример за една меѓурелигиска соработка и се создава почва за понатамошна соработка. Кој и да дојде со какви било предрасуди, ќе замине оттука со поинакво мислење”, ги изнесе неговите имресии од кампот Иван Микулец од Католичката црква.
Си заминав од Калишта со мислата дека меѓуверската и меѓунационалната соработка и дијалогот во Македонија се возможни. С$ зависи од нас, како ќе го прифатиме другиот кој е поразличен од нас и дали треба да ја нагласиме таа разлика, кога на крајот на краиштата сите сме луѓе. Имаме еден бог. И сите религии во основа се исти. Дали е тоа Библијата, Коранот или Талмудот, сите повикуваат на мир и толеранција. Овие млади луѓе ќе имаат што да им раскажуваат на своите најблиски пријатели. Доколку се ослободиме од нашите предрасуди, заеднички ќе можеме да живееме и да се сакаме сите.
Почит меѓу верите
„Мислам дека овој летен камп е многу корисен поради фактот дека учесниците припаѓаат скоро на сите верски заедници, а и студентите имаат можност да се запознаат директно меѓу себе и со другите религии. Тука изворно можат да слушнат мислења за толеранцијата и соживотот од професорите од двата факлултета, за тоа како исламот или христијанството повикуваат на толеранција или дијалог. Мислам дека ова многу позитивно ќе влијаее врз сите. Гледам дека студентите поинаку размислуваат околу нештата пред да слушнат изворно како верата гледа на нештата. Тоа што го гледаме во секојдневието, во практиката не е изворно и е многу далеку од верата. Секој од верниците треба да го почитува тоа што го вели другата вера”, ни кажа Насер Рамадани, професор на Факултетот за исламски науки.
Свежи мисли
“Се наоѓаме во прекрасен амбиент, со претставници од верските заедници кои учествуваат во Програмата за меѓуверска соработка. Се собравме за да продискутираме со цел дијалогот, односно разговорите што ги правиме, да бидат мост за подобро разбирање и меѓусебно соработување и гледање кон посветло и поубаво утре. Ценам дека доколку повеќе се запознаваме и ги знаеме вистините на едната или на другата религија, ќе можеме подобро да се разбираме. Иако живееме во едно мултиетничко и мултинационално општество, треба да се ослободиме од нашите предрасуди, или од нашите за’рѓани умови и да направиме една чистка. Тоа ќе ни овозможи да имаме свежи мисли. На тој начин сметам дека ќе живееме во едно помирно или подобро општество каде што и другиот што не & припаѓа на нашата заедница ќе го уважуваме и ќе го толерираме како рамноправен”, порача Петко Златевски, доцент на Богословскиот факултет.
Грамоз Шабани
|
|