претставување
Актив на жените Ромки “Преродба” - Кичево
Активот на жените Ромки „Преродба” од Кичево е граѓанска организација формирана во 2002 година, од група жени и млади Роми, која работи на вклучување на поголем број млади Роми во граѓанскиот сектор. Работи на давање помош на жени и деца во разрешување на постоечките проблеми, на унапредување на здравјето и животната средина, на подигање на степенот на образованието, како и на намалување на малолетничките бракови.
Активот се стреми да прерасне во едукативен центар за саморешавање на проблемите на Ромите, а во изминатиот период реализира позначајни активности од областа за подобрување на здравствената заштита, на разрешување проблеми во семејството и др.
Во партнерсто со ГО „Виножито”, во 2004 година членовите на Преродба го реализираа проектот „Сточарството како одржлив развој на заедницата”, а годинава и неколку локални иницијативи во соработка со Унијата на Ромите и ЏЗ „Бела кула”, како што беше и учеството на Регионалниот НВО-саем во Гостивар, со презентирање и на темата „Запознавање со културата и културните вредности на Ромите од ромската заедница во општина Кичево”. Организацијата досега реализирала и повеќе локални иницијативи во соработка со граѓански организации од регионот, со месните заедници, со општинскиот Црвен крст, како и со локалната самоуправа. На крајот од декември во Кичево ќе биде презентиран нацрт-извештајот за „Подобрување на социо-економската состојба на Ромите од Кичево”, иницијален документ кој претставува водич за ромската заедница во градот за наредниот период.
Активот на жените Ромки „Преродба” има основано и мрежа на ромски ГО на локално ниво, а во оваа прилика неговите членови ги информираат сите заинтересирани граѓански организации од регионот и пошироко дека во 2007 година ќе можат да се вмрежуваат заради остварување заеднички интереси. Организацијата ги финансира своите активности преку членарина, грантови и донации.
|
|