Македонски центар за меѓународна соработка

МЦМС доби специјален консултативен статус во економскиот и социјалниот совет на ООН

Македонскиот центар за меѓународна соработка од јули оваа година се здоби со статусот „Граѓанска организација со специјален консултативен статус во Економскиот и социјалниот совет на Организацијата на Обединетите нации”. Економскиот и социјален совет (ЕКОСОЦ) на ООН е првиот приод преку кој граѓанските организации можат да се вклучат во формалното советување на ООН.

Организациите со специјален консултативен статус, освен што имаат консултативен статус во ЕКОСОЦ, работат на прашања што се релевантни за дел од темите на коишто работи ЕКОСОЦ, можат да присуствуваат на состаноците на ООН, да бидат поканети на меѓународните конференции на ООН, да предлагаат прашања за дневниот ред на ЕКОСОЦ, да пуштаат циркулирни изјави на состаноците на ЕКОСОЦ и на состаноците на неговите помошните тела, можат да зборуваат на состаноците на тие помошни тела и мораат да поднесат четиригодишен извештај за својата работа. МЦМС е првата организација со придавката „македонска” што станала дел од телата на ООН, а втората примена во Советот.

Економскиот и социјален совет (ЕКОСОЦ) е основан со повелбата на ООН како основен орган за координација на економските и социјалните прашања и прашањата поврзани со работата на 14 специјализирани агенции на ООН, 10 функционални комисии и пет регионални комисии. Советот добива извештаи од 11 фондови и програми на ООН.