Одржливост на организацијата

Критериумите на надворешна одржливост  

 

Дали сметате дека вашата организација е одржлива?

Дали сметате дека, на пример, обуката којашто ја испо­рачувате на вашата целна група ќе можете да ја спроведувате во ист интензитет по неколку години?


Дали имате јасен план како ќе го направите тоа?

Дали во спроведувањето на вашите редовни активности ќе имате поддршка од целната група и дали ќе бидат тие задоволни од вашите услуги?

Одговорите на сите овие прашања треба да водат до одговор на прашањето дали е вашата организација одржлива.

А, дали е вашата организација одржлива?

Одржливоста на организација­та може да се дефинира како способност на организацијата да има континуитет на сво­ите основни ак­тивности, од­нос­­но веројат­носта организа­цијата да оста­не спо­соб­на да ги про­должи сво­­ите глав­­ни ак­­тив­нос­­ти за од­ре­ден времен­ски период.

Во организаци­ите може да се раз­ликуваат два типа одрж­ливост, вна­треш­­на и над­во­реш­на.

Надворешната одржливост зависи од политичките, социо-културните, економските и другите фактори кои влијаат на работата на организацијата, како и актерите (клиенти, целна група, донатори, добавувачи и сл.). За да ја обезбеди надворешната одржливост, раководството на организацијата мора да води сметка за сите можности и закани кои доаѓаат од надворешната средина. Опкружувањето за една просечна организацијата од Република Македонија може да се каже дека се менува многу брзо. Промените во политиката на донаторот и економските, општествените и политичките промени прет­ставуваат предизвик за раководството на секоја орга­ни­зација. Прашањето кое се поставува овде е како орга­низацијата да ги одржи своите основни активности и да се раз­вива во услови на турбулентно опкружување. Орга­низациите, поточно нивните раководства и вработени, треба да бараат инструменти и орудија за соодветна анализа и врз база на наодите и анализите да одлучуваат какви чекори ќе преземат за да обезбедат континуитет на организацијата.

За да може да се процени надворешната одржливост, во­обичаено  се користат следниве критериуми:
о Погодност (покажува дали организацијата е соодветна (адекватна) за реализација на зададените или предвидените активности;
о Легитимност (покажува во колкава мера организацијата е прифатена од другите во своето опкружување);
о Ефективност (покажува во која мера продуктите и услугите на организацијата навистина ги задоволуваат потребите на целните групи и корисниците).

Погодноста на организацијата значи дали планираните активности се во склад со мисијата, колкав број луѓе се неопходни со потребните капацитети, а колкав буџет и материјални средства може да се мобилизираат за остварување на организациските цели. Проценката може да се направи преку моменталниот обем и квалитет на продуктите/услу­гите, препораките од целната група и другите релевантни организации, искуството на организацијата и сл. 

Легитимноста на организацијата може да се процени преку бројот на клиенти кои ја под­држу­ваат организа­цис­ката ми­си­ја, задо­волството на целната група од про­и­зводите/услугите на организацијата, бројот на партнерски­те организации, обе­мот на про­­и­зводи/ус­луги и сл.

Ефективноста може да се процени преку висината на про­центот на остварени резултати нас­­­про­ти претход­но поставените це­­­­ли, целните гру­пи коишто ги користат и кои се задовол­ни со про­изводите и услугите и сл.


поимник

СВОТ-матрицата е многу ефективна алатка со која ја анализираме организацијата и нејзиното непосредно опкружување. Оваа анализа е комбинација на внатрешните анализи (јаките и слабите страни) со надворешните анализи (можности и закани).

Можностите може да се дефинираат како надворешни фактори - влијание кое ако се искористи, може значајно да придонесе во реализацијата на мисијата на организацијата или за успехот на проектот.

Заканите може да се дефинираат како надворешен фактор или влијание што има или може да даде значаен негативен ефект во остварувањата на организацијата и во успехот на проектот/програмата.

Јаките страни се дефинирани како внатрешни карактеристики на организацијата која придонесува кон остварување на мисијата на организацијата или кон успехот на проектот/програмата.

Слабите страни се внатрешни карактеристика на организацијата што значајно негативно влијаат врз функционирањето на организацијата или успехот на проектот/програмата.

Лилјана Алчева
обучувач/соработник на проекти во МЦМС