Коментар
Колку граѓански организации брои Македонија?
Дали ја знаете бројката на граѓанските организации во Македонија? Одговорот веќе го имате. Од печат излезе седмото издание на Адресарот на граѓанските организации во Македонија, што го изготви Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Како што ќе видите таму, бројката на регистрирани или пререгистрирани организации од 1998 година, откако беше донесен Законот за здруженија на граѓани и фондации па досега, изнесува 5312. Но, ќе забележите дека Адресарот содржи податоци за 1509 од нив. Зошто е тоа така?
Многу едноставно. Најголем дел од здруженијата на граѓани практично не постојат. Иако фигурираат во главниот судски регистар, фактичката ситуација е сосема поинаква. Така, при собирањето на податоците се случуваше, на актуелната адреса на одредени организации, според тоа како се заведени во судскиот регистар, луѓето што живеат таму да се изначудат за што станува збор.
Тоа се случува затоа што голем дел од нив, од причина што немаат сопствени седишта, ги пријавуваат домашните адреси, адресите на дедовците и бабите, роднините или слично. А потоа, прашање на време е, дали ваквите здруженија навистина ќе профункционираат и што ќе се случи со актуелноста на податоците кои ги доставиле во судскиот регистар, не навлегувајќи во мотивот за нивното здружување.
Според нашето искуство, значи, бројката на здруженијата на граѓани дадена погоре, иако е точна според заверката во судскиот регистар, најверојатно е помала, во смисла на фактичкото и ефективното постоење на здруженијата.
Најновиот адресар на МЦМС ви нуди сосема точни податоци на внесените организации во него, кои вклучуваат податоци за контакт, како и податоци од кои може да се изврши проценка на нивниот организациски капацитет. Тоа дава можност за зголемување на транспарентноста и подобрување на информираноста и комуникацијата на граѓанските организации меѓу себе, но и со целата јавност.
Адресарот можете да го добиете или да го нарачате во МЦМС.
Даниел Медароски
|