Европски парламент
Стипендии за практиканти и студиски посети
Европскиот парламент нуди различни стипендии за практиканти во рамките на својот секретаријат со цел да придонесе за професионална обука на младите граѓани и за разбирање на работата на институцијата. Стипендиите можат да бидат неплатени или платени, а крајниот рок за аплицирање е фиксиран на 15 октомври секоја година (за стипендии кои започнуваат на 15 февруари) и на 15 мај (за стипендии со почеток на 15 септември). Парламентот, исто така, нуди студиски посети со цел да им се даде можност на граѓаните подетално да ги проучат специфичните теми поврзани со евроинтеграцијата, дури и преку консултирање со документи во библиотеките или архивите на Европскиот парламент, односно преку контакти со членовите на Парламентот или неговите службеници. Максималното траење на студиските посети е еден месец. Повеќе информации побарајте на: www.europarl.eu.int/stoa/scholarl/default.htm ; www.europarl.eu.int/stages/default_en.htm ; Е-маил: stages@europarl.eu.int
Т.Х.
Норвешка
Под клуч фирмите кои ги запоставуваат жените!
Од 2007 година Норвешка ќе почне да ги затвора фирмите кои нема да имаат поставено барем 40 проценти жени на раководните места, бидејќи досегашната пракса која не вклучуваше казни не даде добри резултати. Норвешкиот парламент во 2002 година им порача на фирмите до средината на 2005 година да обезбедат застапеност на половите на раководните места во сооднос не поголем од 40:60, со што би ги натерале раководствата на фирмите да се однесуваат во склад со нордиската традиција за рамноправност на половите. Иако владата нема изречено ниту една санкција за непочитување на препораката, многу фирми ја осудуваат велејќи дека на тој начин им се поставува најтешката задача на полето на половата рамноправност. Министерството за деца и семејство на Норвешка истакна дека фирмите досега биле спори во спроведување на таа одлука и дека е крајно време да се вработат повеќе жени. Оние кои нема да ја послушаат таа одлука да 2007 година, ќе се соочат со затворање на нивните фирми.
Г.Ш.
Европска комисија
Годишни програми за западен Балкан
Европската комисија ги усвои своите годишни програми за Македонија, за Србија и Црна Гора и Косово. Во рамките на Програмата КАРДС за 2005, за Македонија треба да се потрошат 34,5 милиони евра, 184 милиони евра за Србија и Црна Гора и 54 милиони евра за Косово. Годишните програми на КАРДС за Албанија, за Босна и Херцеговина и Регионалната годишна програма на КАРДС се во подготовка и треба да се одобрат во текот на годинава. Финансиските средства од програмата се наменети за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, за човекови права, за граѓанско општество и медиуми, како и за функционирање на слободната пазарна економија. Се нуди и дополнителна финансиска помош за генерирање одржливо економско закрепнување и промовирање општествен развој и структурни реформи. Вкупната помош на КАРДС за земјите од Западен Балкан за периодот од 2000 до 2006 година изнесува околу 5 милијарди евра.
Совет на Европа
Нова студија за расистичкиот јазик во политиката
Европската комисијата против расизам и нетолеранција ЕКРИ (ЕЦРИ) при Советот на Европа одржа средба на три нивоа во Париз, на 21 март - Светскиот ден за елиминација на расната дискриминација, со цел да ја претстави новата студија за употребата на расистичка, антисемитска и ксенофобиска реторика во изборните кампањи и други политички околности. За време на средбата, ЕКРИ исто така одржа и јавна презентација на нивната нова декларација по истото прашање. Студијата, изготвена од политикологот Жан-Ив Ками, цитира бројни случаи во кои на европските или на националните избори се употребува расистичка, антисемитска и ксенофобиска реторика. Според извештајот, имигрантите и бегалците, особено оние од муслиманските земји, се примарна цел на политичарите кои ги користат чувствата на несигурност во с$ покомплексниот и мултикултурен свет. ЕКРИ смета дека с$ поголемата употреба на расистички, антисемитски и ксенофобиски речник и идеи во политичкиот живот, особено од страна на политичките партии на “мејнстримот”, е загрижувачки факт кој бара итно и концентрирано дејствување. Повеќе информации на: www.coe.int/T/E/Com/Files/Themes/racism/default.asp
Т.Х.
|