Иницијатива на Европската комисија
Посилен граѓански сектор во Западен Балкан и Турција
Директоратот за проширување на Европската комисија покрена иницијатива чија цел е зајакнување на капацитетот на граѓанското општество во земјите од Западен Балкан и Турција, во процесот на нивното пристапување кон Европската Унија. Со таа цел, Европската комисија подготвува голема конференција во април 2008 година во Брисел, а на 13 и 14 декември годинава во Истанбул се одржа подготвителен состанок за тој настан.
На средбата во Истанбул присуствуваа претставници од здруженијата на граѓани од Албанија, од Србија, од Косово, од Црна Гора, од Хрватска, од Македонија и од Турција, кои заедно со претставниците на делегациите на Европската комисија од овие држави, како и од седиштето на Комисијата во Брисел, разговараа за потребите, проблемите и потенцијалите за развој на граѓанското општество. Од Македонија беа поканети претставници на три здруженија: Мост, Центарот за институционален развој - ЦИРа и Новинарско-правниот енвиро центар Ерина.
Како што беше појаснето, претстојната конференција во Брисел има четири главни цели: да ги прошири информациите за финансиската поддршка за развојот на граѓанското општество; да го промовира партнерството и вмрежувањето на здруженијата на граѓани од ЕУ и од земјите кандидатки и потенцијални кандидатки за членство во ЕУ; да го подобри квалитетот на проектите кои доаѓаат од граѓанското општество; да придонесе, преку проширување на информираноста, за зајакнување на актерите во граѓанското општество.
На состанокот во Истанбул дискусиите се водеа во три главни области: животна средина; демократија и човекови права; и, социјален развој и интеретнички/интракултурни релации. Во рамките на овие области, се водеа дискусии на хоризонтално ниво, кои третираа неколку клучни прашања: професионализацијата на здруженијата на граѓани; развој на капацитетите на здруженијата, со подобрување на дијалогот со властите и со граѓаните; пристапност до фондовите, од финансиска поддршка, па с$ до прибирање средства; и, градење партнерства на ниво на ЕУ.
Дискусиите, размената на мислењата и идеите кои се изнесоа на средбата во Истанбул треба да придонесат за подобра организација и конципирање на конференцијата во Брисел. Претставниците на Европската комисија заминаа со „полни раце” предлози што произлегоа од претставниците од вкупно 27-те здруженија на граѓани. Се очекува наскоро да биде изготвена и веб-страница за бриселската конференција, на која ќе биде поставена и нејзината агенда. Она што веќе се знае е дека се очекува присуство на голем број претставници на граѓанскиот сектор од Западниот Балкан, од Турција и од ЕУ. На конференцијата исто така се очекува да зборува комесарот Оли Рен, висок претсавник на ЕУ и, секако, претставници од здруженијата на граѓани. Покрај трите главни области за кои се дискутираше на средбата во Истанбул, посебно ќе се разгледува прашањето на градењето на капацитетите, и покрај тоа што тоа ќе биде вградено и во првите три области.
М. И.
|
|