„Пријатели на Македонија“
Регионален камп за демократија - општина Зелен Град
Граѓанската организација „Пријатели на Македонија“, по втор пат, го организира „Регионалниот камп за демократија - општина Зелен Град“, кој се одржа во средношколскиот интернат „Боро Менков“ во Крива Паланка од 13 до 22 јануари 2003 година. Целта на кампот беше преку едукативен интерактивен процес на симулација да се стекнат знаења за функционирањето на локалната заедница.
Регионалниот камп за демократија е заснован на практични пример и решавање проблеми за подигнување на свеста за значењето на демократијата и разбирањето на локалната самоуправа како јадро на силна демократска нација и нејзината главна карактеристика - граѓанско општество водено од волјата на народот. Кампот претставува симулација на општина, наречена „Зелен Град“, која овој пат имаше 55 жители, средношколци од Куманово, од Крива Паланка, од Кочани, од Пробиштип, од Липково, од Виница, од Кратово, од Свети Николе и од Зрновци, кои преку овој прогресивен и тематски насочен десетдневен камп се обидоа да навлезат во локалната самоуправа, бизнисот и животната средина. Здружението на граѓаните „Пријатели на Македонија“ го организираат овој камп во соработка со Регионалната агенција за развој од Крива Паланка и со општината Крива Паланка, а го финансира ИОМ - ЦБИ (ИОМ – ЦБИ), Кочани.
Првата фаза на кампот беше наградена, како еден од најуспешните проекти во изминатата година од финансиерите ИОМ - ЦБИ.
„Пријатели на Македонија“ во своите цели и задачи има зацртано заштита и унапредување на животната средина; промоција на демократијата и граѓанското образование; промоција на претприемништвото и малото стопанство, како носечка сила на општеството; јакнење на довербата меѓу граѓаните на РМ и унапредување на волонтерството како форма на граѓанско делување.
За подетални информации можете да се обратите по електронски пат на адресата zelen_grad@yahoo.co.uk.
Д. Медароски
|