Организација на жените “Радика”
Против трговијата со луѓе во Река
Да се зголеми информираноста за трговијата со бели робје како организиран криминал во Македонија, да се бараат начини за превентивно дејствување кај населението во реканскиот крај, да се заштитат девојките и децата од подведувачите и трговците со жени и деца, се само дел од целите што Организацијата на жените (ОЖ) „Радика” сака да ги постигне со спроведувањето на проектот „Едукација за запознавање на трговијата со луѓе како организиран криминал во реканскиот крај”. „Сакаме да ја развиеме свеста кај локалното население”, вели Елизабета Здравковска, помошник-координатор во организацијата - „тие да можат да ги препознаат трговците и да преземат одлучни чекори против таа појава, да ги пријават во најблиската полициска станица, да им помогнат на жените и децата жртви на трговијата”, додава таа.
Според Здравковска, населението има потреба од ваква едукација. Таа ќе се организира преку трибини и работилници на коишто ќе се дефинира трговијата со луѓе, ќе се направи разграничување на феноменот на трговија со луѓе од феноменот проституција, ќе се презентираат методите на заштита од трговијата со луѓе итн. ОЖ „Радика” во едукацијата ќе се фокусира на младите од 17 до 28 години.
Г.Ј.
|
|