луѓе: Игор Тасевски
Со враќање на довербата, проблемите побрзо ќе се решаваат
Професионално искуство: Дипломиран книжевник, уредник во весникот „Деница“ и дописник на ТВ Тера.
Ангажирање во граѓанскиот сектор: Активно ангажиран од 1998 година во Центарот за граѓанска иницијатива - Прилеп. Моментално асистент на програмскиот координатор во ЦГИ, член на Извршниот одбор и тренер за човекови права.
Хоби и интереси: Читање книги и гледање филмови.
Најтешка одлука: Одлуките не ги делам на тешки и лесни, туку на навремени и правилни и задоцнети и неправилни. Имам неколку задоцнети и неправилни кои направија некои промени во мојот живот, но сепак и од нив научив нешто, односно што и како не треба да се прави. Генерално, никогаш не се каам за ниедна одлука бидејќи верувам дека според времето и условите сум ги донел вистинските одлуки.
Амбиции: Моите амбиции се поврзани со успешна и плодна работа и една убава прошетка низ светот.
Во слободно време чита: Книгата ми е навистина добар другар. Уживам читајќи белетристика. На убавите книги, како на убавите нешта им се навраќам повеќе пати. Моментно препрочитувам некои книги како „Сто години самотија“ од Маркес и „Сидарта“ од Хесе бидејќи уживам во нив, а со секое препрочитување откривам нови нешта во старата книга.
Каде оди во слободно време: На театар, на прошетки со пријателите. Обврзно барем двапати неделно, на средба со другарите на една партија табла или пикадо.
За време на викенди: Викендите ми се резервирани за семејството. Им се посветувам на сопругата и ќерката и се обидувам да надоместам дел од моето отсуство преку неделата. Викендите често ги користиме и за прошетки надвор од градот.
Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто: Тешко е да се направи приоритет на нашите македонски проблеми, бидејќи сите се итни. На листата се проблемите со финансиите, законите, границите (национални и локални), црквата, враќањето на изгубената доверба во институциите на системот, но и меѓу себе, невработеноста и многу други. Ако морам од многуте проблеми да изберам еден, тоа е изгубената доверба. Кога на народот ќе му се врати довербата во институциите на системот, а секако и меѓусебната доверба, тогаш и проблемите брзо ќе се решаваат.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто: Тероризмот, трговијата со луѓе, дрога и оружје, корупцијата и огромниот прилив на неконтролиран профит од криминални дејствија, перењето пари, финансискиот криминал или криминалот во високата технологија, се закана за мирот и стабилноста во светот. Во секој случај, тероризмот е моментно посебно важен проблем, бидејќи истиот зазема се поголем замав и секојдневно носи голем број невини цивилни жртви. Застанувањето зад некоја и некаква идеја која подразбира убивање невини луѓе е најголемиот проблем на денешницата. Едноставно светот треба да се запраша зошто ни се случува ова и да посвети доволно внимание и за негово сузбивање, а не да се концентрира во пронаоѓање и изработување поново и посовремено оружје.
Што би променил во Македонија и во светот: „Светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите“ е мислата на Гоце Делчев, која доколку би ја прифатил светот, секојдневно би уживале во нови книги, филмови, театарски претстави... Не би се згрозувале од вестите за војни, жртви и несреќи. Тоа е мојот свет.
Совет/порака: Никогаш не правете го она што не сакате да ви го прават вам. Не се подготвувајте за посебни настани и денови, зашто секој ден и миг е посебен и заслужува ваше целосно внимание. Насмевнувајте им се на луѓето - нека ве паметат по ведрината и насмевката.
Никогаш не би можел да: Ги разберам луѓето кои се полни со злоба и завист. Оние кои својата среќа се обидуваат да ја градат на туѓа несреќа.
|