погледи
Проблемите при имплементација на програмата за гинеколошки прегледи
Организацијата на жените на општина Свети Николе, во соработка со 17 женски НВО од Македонија, успеа да излобира промена во Законот за здравствена заштита и воведување програма за редовни гинеколошки прегледи за жените со цел рано дијагностицирање на ракот на грлото на матката.Во 2005 и во 2006 г. Владата ја донесе Програмата за рано откривање и спречување болести на репродуктивните органи кај жената во Република Македонија. Програмата предвидува бесплатен ПАП-тест за 20 % од женската популација на возраст од 19 до 65 години или годишно по околу 128.000 жени. Прегледите треба да се спроведуваат од страна на матичните гинеколози кои имаат склучени договори со Фондот за здравство. За реализација на програмата за 2005 г. се обезбедени 8.500.000 денари, а за 2006 г. ќе се обезбедат и дополнителни 3.000.000 денари. Овие средства се наменети за ПАП-тестот, за печатење информативен материјал и за водење регистар за спроведените прегледи.
Следејќи го спроведувањето на прегледите во текот на 2005 и 2006 г., се забележа дека програмата не се реализира целосно и во дел од градовите не е направен ниту еден ПАП-тест.
ОЖО Свети Николе во текот на јуни 2006 г. одржа 4 тркалезни маси во Прилеп, во Битола, во Крива Паланка и во Кочани со претставници од здравствените домови и гинеколозите на кои се дискутираше за проблемите при реализацијата на програмата. Гинеколозите информираа дека не се доволно информирани од страна на Министерството за здравство за програмата и за начинот на којшто програмата треба да се реализира. И покрај нивната желба и спремност да помогнат во реализацијата на прегледите, тие се соочуваат со сериозни проблеми. Тие не се доволно мотивирани да ги спроведуваат прегледите, бидејќи не добиваат никаков надоместок, а капитацијата за прегледите е најниска и изнесува само 18 денари по пациентка. Тие се соочуваат и со потребата претходно да набават материјали за земање на ПАП-тестот и со ненавремено покривање на материјалните трошоци од страна на Фондот за здравство. Приватизацијата на гинекологијата ќе ги продлабочи проблемите околу имплементацијата на програмата, а голем дел од гинеколозите не се ниту мотивирани да склучат договори со Фондот за здравство. Поради тоа, голем број од жените кои и беа информирани за програмата не можеа да добијат гинеколошки преглед и ПАП-тест.
Сведоци сме дека бројот на жени заболени од малигни заболувња секоја година се зголемува. Нашата организација работи на подигање на свеста кај жените за потребата од редовни гинеколошки прегледи заради рано дијагностицирање на ракот на грлото на матката. Но, и покрај сето тоа, надлежните институции не ги реализираат во целост своите преземени обврски според Програмата за гинеколошки прегледи. Трошоците што се издвојуваат за лекување на овие жени се големи и потребно е државата да посвети поголемо внимание на заштитата на здравјето на жените. Доцнењето на реформите во здравството уште повеќе ја влошува положбата околу здравствената заштита на жените. Постои еден вакуум-простор во којшто не се знаат надлежностите и начинот на понатамошна работа на пооделни здравствени институции. Женските НВО ја повикуваат Владата и Министерството за здравство да преземат конкретни чекори за доследно спроведување на донесената програма.
Радмила Сандева (авторката е членка на ОЖО Свети Николе)
|