Календар

1 септември: Ден на мирот

Првиот септемвриски ден е посветен на светскиот мир. Под покровителство на ООН, се одржуваат пацифистички манифестации низ целиот свет, во кои активно учествуваат граѓанските организации но и сите противници на војната и оружјето.

 

6 септември: Ден на исчезнатите лица

Исчезнатите лица, во војни или во природни непогоди, се голем светски проблем. На овој ден се спроведуваат различни акции за пронаоѓање на овие лица и за сузбивање на проблемот.

 

16 септември: Заштита на озонската обвивка

Овој ден е посветен на Земјиниот природен штит од штетните зрачење што доаѓаат од вселената – озонската обвивка, која с$ повеќе ја оштетуваме. Еколошките здруженија повикуваат на помало загадување, а секој од нас да ги бојкотира производите што ја оштетуваат обвивката.

 

18 септември: Ден на геолозите

Професионалците од областа на геолошката наука го слават својот “еснафски” ден. Ова е повод да се укаже на важноста на оваа базична научна гранка за развојот на секоја држава, а особено на оние кои имаат богати рудни и други ресурси, како што е Македонија.

 

22 септември: Ден без автомобили

Како иницијатива на Европската комисија, на денот без автомобили треба да ги оставиме возилата паркирани дома. На работа, училиште, или каде и да одите, тргнете пеш, како сопствен придонес против загадувањето од сообраќајот.

 

26 септември: Ден на чисти планини

Едно старо еколошко правило вели: Во планината остави ги само своите стапки, а од неа понеси го мирот и спокојството. И фотографиите од убавите предели, би додале, но растенијата, животните, камењата и другите природни ресурси оставете ги во нивната околина. И секако, понесете го својот отпад со себе.

 

27 септември: Ден на туризмот

Светскиот ден на туризмот се прославува кога главната туристичка сезона е веќе одмината. Но, целта на оваа манифестација е да повикува на одржлив туризам – таков што нема да ја загрози природата ниту пак автентичната култура на туристичките места.