интервју: м-р Драги Змијанац, извршен директор и соосновач на Првата детска амбасада во светот “Меѓаши”

Се навлеков на граѓанскиот сектор
 

Драги Змијанац е извршен директор и соосновач на Првата дет­ска амбасада во светот “Меѓаши”. Пред да се впушти во водите на граѓанскиот сектор, магистрирал на предметот одбрана и од 1983 до 1991 година работел како асистент по предметот теорија на војната на Институтот за одбрана при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1992 година до денес Змијанац е дел од Детска амбасада “Меѓаши”. Семејно, тој е татко на три деца и сопруг на својот најдобар соработник, Гордана Пирковска-Змијанац.

Затоа, за него Амбасадата  “Меѓаши” не е само професионален ангажман, туку се - работа, приватен живот, хоби, разонода, друга­рување..Почетоците на “Ме­ѓа­ши” се и негови, само што, како што вели тој, во тоа време не планирал да се занимава професионално со ова. Ентузијазмот од почетокот на деведесеттите не престанал до денес, или како што вели тој “се навлеков на граѓанскиот сектор”. Со Драги Змијанац разговаравме за актуелностите во Амбасадата “Меѓаши”, но и за неговите видувања на граѓанскиот сектор во Македонија.

Меѓаши” во последно време беа споменувани во врска со предла­гањето решенија во законските прописи со цел усогласување на ншето со европското законодавство и меѓународните одредби за заштита на човековите права и правата на детето. Каква беше улогата на “Меѓаши”?

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ - ЕСЕ и Првата детска амбасада во светот Меѓаши, поддржани од 16 здруженија на граѓани, презедоа конкретни активности во насока на предлагање на решенија од областа на семејството, социјалната заштита и детската заштита. Предлог-амандманите кои се однесуваат на оваа проблематика ги подготвија Јасминка Фришчиќ од ЕСЕ и Милица Панева од ПДАС Меѓаши. Ние, заедно со ЕСЕ, настојувавме овој закон да се донесе во редовна постапка со оглед на комплексноста на семејно-правната проблематика и потребата да се изградат соодветни решенија за семејното насилство, потоа дополнување на одредбите заради обезбедување на правата на детето, како и измени во делот на надзорот на родителското право, посвојувањето и судските постапки. Оваа иницијатива наиде на поддршка и од  пратениците, но со оглед на даденото образложение на министерот, законот се донесе во итна постапка.

Она што не охрабруваше и наедно ја наметнуваше потребата да дејствуваме во оваа насока се сознанијата што ги имаме на основа на 10-годишното функционирање на нашиот СОС-телефон. Во овој период регистрирани се 14.656 повици и извршени се 8.412 разговори. Анализата покажува дека бројот на оние кои пријавуваат семејни проблеми и насилство расте. Споредено со 1993/94 кога процентот на оние што се јавиле заради семејни проблеми бил 8,7 %, минатата 2003 година тој процент пораснал до 18,5%.

Кога е во прашање заштитата на правата на детето, “Меѓаши” веќе има искуство во лобирањето кај државните институции за ратификување на меѓународни конвеции. Во 2000 година му предложивме на Министерството за труд и социјална политика да се јави како предлагач на Конвецијата 182 и Препораката 190 за итно спречување на злоупотреба на детскиот труд. По долгиот од низ лавиринтите на администрацијата, на 23 јануари 2002 година истата беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.


Пред извесно време “Меѓаши” ра­бо­теше на ненасилното разре­шување конфликти, до каде сте со тие активности?
Пред неколку месеци го ревидиравме нашиот стратешки план за следните 5 години и една од 5-те стратешки цели е работа со учениците и педагошките кад­ри во областа на ненасилното раз­ре­шување конфликти. Во овој период одржуваме работилници во кои учествуваат учениците и ученичките од Средното медицинско училиште “д-р Панче Караѓозов” од Скопје со мешан етнички состав - Македонци/ки и Албанци/ки. Планираме овие активности да ги прошириме со вклучување на другите средношколски центри каде што учат млади од различен етнички состав. Работилниците се фокусирани на повеќе теми од областа на ненасилната комуникација, како на пример градење доверба, тимска работа, разбирање и разработка на конфликтите, улога на половите во општеството... Со желба подобро да се запознаат, учениците/чките иницираат посети на цркви и џамии, организираат заеднички еколошки акции за разубавување на училишниот двор и околниот простор и друго.

Дел од професорите/ките кои претходно поминаа обука за ненасилно разрешување конфликти се вклучени во овој проект. Тие самоиницијативно организираа трибини и состаноци на кои со другите професори/ки од училиштето создаваа простор за дискусија околу тековните проблеми со кои се соочуваат во работењето.


Од неодамна сте член на Нацио­налната советодавна гру­па за Цивикус (Индекс на граѓанското општество во Македонија) која ќе го даде своето мислење за гра­ѓанското општество во Маке­донија - какво е вашето мислење?
Забележувам етаблирање на гра­ѓан­скиот сектор и  негово професионализирање. Многу е направено во рег­ру­тација и обука на кадарот и на волонтерите. Се инвестира многу во задржување на човечките ресурси во секторот. Се разбира, граѓанските организации немаат  секогаш финансиски капацитет да се потпираат на професионално ангажирани лица и паралелно го практикуваат волонтерството. Волонтерите многу често се со високо образование и му овозможуваат на  граѓанскиот сектор ангажирање и вклучување на стручно мотивирани лица во активностите. За среќа, забележувам и култура на граѓанска инцијатива за промена на нештата во општеството. Се повеќе граѓаните се здружуваат за реализација на заеднички интереси и цели кои се темелат на оддредени вредности кои се општоприфатени од граѓаните.

Но, исто така, сакам да потенцирам дека минатиот период  граѓанскиот сектор се соочи со сериозен проблем да ги наметне своите стратешки определби кон донаторите. Многу често, се јавуваше во улога на извршител на програмите на донаторите отколку што успеваше да наметне програма која му е доверена од целната група. Всушност, најголем легимитет има граѓанскиот сектор кога мандатот ќе му го довери целната група.


“Меѓаши” во своето работење во голема мера се потпира на анга­жи­рањето на волонтери. Како ги мотивирате?
Ние секогаш тргнуваме од сознанието дека нам ни требаат мотивирани волонтери во кои ние ќе вложуваме и ќе ги наградуваме. Не, волонтери кои ќе ги наградуваме за да ги мотивираме. Секако, ова не е едноставно да се практикува, но искуството ни потврдува дека ентузијазмот и добрата волја да се стори нешто за заедницата без надомест е голем мотив за волонтерите. А ние секако тоа го наградуваме со вклучување во нашата програма за обука на волонтерите, нивно учество на семинари, наша препорака за нивно натамошно професионално ангажирање и на најдоследните и упорните нивни вклучувања во раководење на проекти и програми. Многу е интересно што нашиот пристап кон волонтерите е неформален и секогаш заинтересираноста доаѓа од нивна страна. Имено, ние немаме посебно разработен систем за регрутација или огласување за нови волонтери. Најчесто тие слушнале за нас од веќе вклучените волонтери. Тие остануваат наши волонтери подолго време. Често се случува некои од нив да се вработат во меѓународни организаци или претпријатија. Нашиот контакт со нив останува и ние во нив добиваме добри лобисти кои ни овозможуваат добра основа за соработка, а понатаму и конкретни резултати и успеси.

Тајната на големиот број волонтери би ја дефинирал на следниот начин.Ние функционираме како едно семејство, со многу љубов и разбирање и ги прифаќаме иницијативите на помладите. Всушност тоа е нашата движечка сила. Младоста облагородува секаков простор. Затоа секогаш сме и ќе останеме движење за заштита на правата на детето.

“Меѓаши” е првиот добитник на Наградата за граѓанско општество и демократија, за долгогодишен придонес. Овој месец МЦМС ја додели Наградата по четврти пат. Дали и какво влијание имаше доделувањето на таа награда пред четири години.

Наградата за долгогодишни постигнувања и посебен придонес во граѓанското општество и демократските вредности што ја добивме во 2001 година ја доживувам како признание и потврда за посветеноста добиена од страна на колегите од граѓанскиот сектор. Наградата влијаеше мотивирачки и со големо задоволство потврдувам дека не охрабри да се справиме со предизвиците со кои се среќаваат граѓанските организации во Македонија. Посебно со предизвикот на самоодржливост. Токму затоа ме радува сознанието дека Министерството за финансиии има намера идната година да ги прифати нашите предлог-аманадмани на Законот за персонален данок и Законот на добивка, популарно наречени 1%.