Коментар
УШТЕ КОЛКУ ОДГОВОРИ ЗА ПАУШАЛНИ КРИТИКИ!
„А, бе парче ве направија овие во медиумите!” Ова беше најчестиот коментар на (не)добронамерните поврзан со написите во дневниот и неделниот печат (поретко во електронските медиуми) во деновите на екстремно висок интерес за работата на граѓанските организации во Македонија. Ваков интерес за граѓанските организации немало уште од изборите за претседател на ССУКМ во 2002 година кога организацијата (за жал, поради негативните вести) стигна на насловните страници на печатените медиуми и во ударните термини за вести на електронските медиуми.
Но, што добивме од екстремно високиот интерес за нас? Главно, паушали! Да не ти се верува, кој се фатил за бројка, се з…. затоа повеќето си се дружеле со паушалите, посигурно е! Во Македонија на секој чекор имало граѓанска организација, а во Хрватска, со пет милиони жители, замислете, ги има само 270!!! Е, штета за сите обиди за заживување на истражувачкото новинарството, си велам. Но, за да се дојде до бројката на хрватските граѓански организации и не треба некое истражување, можете да прашате некоја граѓанска организација од Македонија или, пак, да одите на „гоогле” и да побарате „удруге” што ќе ве однесе на веб-страницата на владиниот сектор за граѓански организации, а потоа анализирајте колку сакате! Да, тоа можете да го направите, освен, ако намерата не ви е друга?! Патем, во Хрватска има 30.416 регистрирани граѓански организации што е двапати повеќе од бројката во Македонија кога се има предвид бројот на жители на земјата.
Следната уште „поболна” тема се парите. „Никој не знае колку пари тие вртат”! Па што не прашате? Фала му на Бога, с$ поголем е бројот на граѓански организации коишто ги објавуваат своите годишни извештаи, барабар со финансиските извештаи. А таму бројки, колку ти душа сака. Некои од нив ги објавуваат и независните ревизорски мислења за тие финансиски извештаи. МЦМС во 2002 и во 2004 година ги издаде Проектите на граѓанските организации во Македонија. Во Граѓански свет бр. 42 се презентирани резултатите од второто издание на оваа публикација, меѓу другото и финансиските средства што се употребени за спроведување на 658 проекти во текот на 2002-2003 година. Речиси 13 милиони евра чинеле овие проекти. Ете бројка! Ете пари! И тоа објавени, јавно на њњњ.граганскисвет.орг.мк. Ама некој треба да праша. Да пробуричка. Па како инаку! А, да, во истата публикација ќе најдете информации и за тоа „кој им ги дал парите” и колку луѓе биле вклучени во нивното спроведување.
Што се однесува до влијанието, би сакала да ве поканам на промоцијата на Проценката на граѓанското општество во Македонија „По 15 години транзиција” – од стабилизација кон граѓанско учество. Таму ќе слушнете повеќе за влијанието, вредностите, структурата и околината на граѓанското општество во Македонија. Анализи, што се потпираат на факти, на податоци собирани и анализирани од многу луѓе, речиси две години. Ама анализи, и факти, не паушали!
Гонце Јаковлевска
|