Париска конференција за биодиверзитетот

Да се зачуваат екосистемите

Од 19 до 21 септември над 400 учесника од цивилниот сектор и од владите на земјите на Европската Унија, на Латинска Америка и на Африка се собраа во Париз за да ја разгледаат можноста за зачувување на биодиверзитетот, и начините како биодиверзитетот да стане интегрален дел од соработката во Европа и пошироко. Учесниците на конференцијата „Биодиверзитетот во европска соработка”, која беше во организација на земјите членки на ЕУ, како и на ИУЦН (ИУЦН) - Светската организација за конзервирање на природата,  ја искажаа својата загриженост поради тоа што поради константното пропаѓање на екосистемите се загрозува системот на одржливиот развој, кој треба да  го подобри животот на најсиромашните луѓе на планетата.

„Не е невозможно екосистемите да се одржат и да се вратат во некогашната многу подобра состојба. Треба само општа акција и не заборавајте, ние ги враќаме екосистемите во првобитната состојба, не создаваме нови”, изјави на конференцијата Аким Штајнер, директор на Програмата за екологија на Обединетите нации.   

Потребата да се зајакне врската помеѓу биодиверзитетот и одржливиот развој е препознаена од меѓународната заедница којашто зачувувањето на биодиверзитетот го дефинира како придонес да се намали сиромаштијата и биодиверзитетот како есенцијален чинител на сиот живот на планетата Земја.

Учесниците особено внимание му посветија на зајакнувањето на цивилниот сектор, истакнувајќи дека токму цивилниот сектор е клучен кога се работи за зачувување на екосистемите. Имено, цивилниот сектор има најмногу допир со локалната заедница, ги знае нивните потреби, а од друга страна овој сектор е с$ повеќе рамноправен партнер на владата во сите сфери.

До 2010 година треба да се постигне целта во биодиверзитетот, т.е. да се зачуваат и да се вратат повеќето екосистеми во првобитната состојба и затоа целата меѓународна заедница во следните години ќе работи под мотото да се стопира загубата на биодиверзитетот до 2010 година и по неа. Цел, која н$ засега сите!

М.К.